Стота изведба на „Вардарски пастуви“ во Театар „Комедија“

Хит-претставата „Вардарски пастуви“ на 12 ноември ќе ја има својата стота изведба во Театар Комедија. Ова е втора претстава на театарот што има 100 изведби, по „Стјуардеси“.
„Првата наша успешна приказна е ‘Стјуардеси’, а сега ќе ја прославиме и стотата изведба на ‘Вардарски пастуви’, претстава чија премиера беше на 8 март 2016 година“, велат од театарот.
Текстот на „Вардарски пастуви“ е правен според мотиви од „Фул Монти“ од Симон Бифоу, „Дамите бираат“ од Ентони Мекартен и Стивен Синклер и според скопски урбани легенди. Преводот на текстовите, адаптацијата, изборот на музиката и режијата е на Синиша Евтимов.
„Не можам да кажам дека сум апсолутен автор на текстот, но де факто е скопска приказна напишана со скопски ликови, во коишто секој од нас може да се препознае, и со скопски јазик што нема допирни точки со текстовите на Бифоу, Мекартен и Синклер. Приказната е сосема нова и е наша. Станува збор за скопска маалска банда, која седи и не прави апсолутно ништо. Нивното нефункционирање во средината не се должи на нивната неспособност, туку на нивната инертност. Животот минува покрај нив, а тие само го следат и коментираат. Во момент на тотална апатија и незаинтересираност, освен за фудбал и клубот ’Вардар‘, тие наоѓаат оглас за работа како машки стриптизери“, објасни режисерот Синиша Евтимов на прес-конференцијата за премиерата во 2016 година.
Во претставата „Вардарски пастуви“ играат Атанас Атанасовски како Џаро, Валентин Костадиновски – Тино (Брзи), Жарко Димоски (Жица), Илија Илиоски (Касап), Столе Мицов (Лепи), Едмонд Сотир (Роки), Крсте Јовановски како Шефот и Јелена Жугиќ како учителката за стриптиз-настап, Лина.
Креативниот тим на „Вардарски пастуви“ е составен од сценографот Милан Несторов, костимографот Александар Ношпал и балерината и кореографка Саша Евтимова, која тогаш дебитираше на театарската сцена, иако има импресивно портфолио на балетската сцена. Практично, Театар Комедија ги споји братот режисер Синиша и сестрата балерина/кореограф Саша заедно да работат на претставата „Вардарски пастуви“. Шестминутната стриптиз-точка на крајот од претставата, како кулминација на драмското дејство, е во кореографија на Саша Евтимова.