Стопирани градежните работи на зелениот покрив на ГТЦ


Откако јавноста реагираше дека на планираниот зелен покрив на Градскиот трговски центар се гради кафуле, градот Скопје ја стопира градбата.

Градоначалникот Петре Шилегов, на прес-конференција во Зоолошката градина рече дека градежните работи се стопирани и во моментот се испитува состојбата на терен.

– Ги стопирав градежните работи. Во моментот имаме целосно испитување на де факто целата ситуација. Треба да ги погледнеме проектните документи, да провериме дали соодветствуваат со она што е на терен рече Шилегов.

Прашан зошто сега ја стопира градбата на кафулето, кога во февруари кога го најви зелениот покрив појасни дека таму е предвидено кафуле, а оној кој ќе стопанисува со него ќе има за задача да го одржува и зеленилото, Шилегов рече дека тој кажал оти таму ќе биде монтирана урбана опрема. – Она што сега се случува ќе го преиспитаме – повтрои Шилегов.

Но, градскиот татко не се откажува од крајниот рок за завршување на зелениот покрив на ГТЦ, а тоа е Денот на ослободувањето на Скопје 13 ноември.