Стопиран патничкиот авиосообраќај во Србија, 97 заразени


Во Србија утринава се регистрирани 97 случаи на заразени со вирусот Ковид-19, веќе четврти ден во сила е вонредна состојба, од синоќа од 20 часот до 05 на сила беше полициски час и забрана за излегување на постарите од 65 години, а граѓаните во повеќе градови во 20 часот синоќа аплаудираа во поддршка на медицинските работници.

Како што јави дописникот на МИА, од кабинетот на Министерството за градежништво и сообраќај соопштија дека „од 12 часот привремено ќе бидат стопирани сите комерцијални меѓународни летови од и кон аеродромот во Белград освен хуманитарните летови и карго сообраќајот, воздушниот простор над Србија ќе остане отворен, но ќе се затвори граничниот премин на аеродромот.“

Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ за ТВ Прва изјави дека за четири дена во Србија се влезени над 70.000 лица, на кои им се одредува санитарна мерка и тие ќе треба да одат во самоизолација или карантин.

-На околу 25.000 луѓе одредена им е мерка за самоизолација и сите оние кои ја нарушуваат ќе бидат санкционирани, кажа Стефановиќ, додавајќи дека во последните 12 часа се напишани 87 кривични и прекршочни пријави, вклучително и на некои познати спортисти.

Тој оцени дека граѓаните го почитуваат полицискиот час, што беше воведен од 20 часот до 5 часот наутро.

-Полицијата издаде 1.134 предупредувања, кажа Стефановиќ, забележувајќи дека луѓето се враќале дома по предупредувањето, дека полицискиот час штотуку е воведен и дека луѓето се навикнуваат.

Министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура Зорана Михајловиќ изјави дека синоќа на преминот Батровци имало колона долга 30 кимолметри и дека товарниот сообраќај во Србија функционира отежнато, но дека ситуацијата се подобрува.

-Товарниот сообраќај функционира, ние сме во врска со сите земји во регионот и пошироко и правиме се за Србија да биде снабдена, кажа Михајловиќ.

Таа истакна дека возачите на камиони минуваат низ сите контроли, а оние кои се во транзит низ Србија имаат 12 часа да ја напуштат Србија, додека српските возачи веднаш штом камионот ќе го растоварат, одат во изолација до следното патување. Михајловиќ, исто така, истакна дека се огромни гужви на границите кога станува збор за патничкиот сообраќај и покрај забранат за влез на странски државјани во Србија.