Стопанствениците му испорачаа барања на министерот Бесими, тој прифати дел од нив


Намалување на парафискални давачки, даночен календар за поголема предвидливост и признавање на трошоците за тестовите за Ковид од даночен аспект, се дел од барањата што денеска бизнисмените од Стопанската комора на Македонија му ги упатија на министерот за финансии Фатмир Бесими.

Стопанствениците бараат да се разгледа и прашањето за двојното одданочување за приватното здравствено осигурување за кое сега плаќаат персонален данок и данок на добивка.

– Над 20 проценти плаќаме дополнително на државата за здравствено осигурување со кое сакаме младите да ги мотивираме да останат во државата и да им озвоможиме да бидат здравствено покриени за било каков случај. Веројатно сме единствената држава во светот која плаќа и двапати на државата за нешто што е со идеја да се мотивираат вработените да останат во земјата, рече Живко Мукаетов од „Алкалоид“.

Во делот на енергетиката се бара укинување на царината за природниот гас и уредбата за акцизите донесена во време на Ковид кризата, да се преточи во закон, бидејќи се работи за уредба со времен карактер.

– Мора да се укине царината за природниот гас воведена во 1997 година. Нема потреба таа да егзистира затоа што немаме производител на природен гас, а го оптоваруваме стопанството со таа давачка. Не се работи за голем износ, рече Андреја Јосифовски од „Макпетрол“.

На првата средба во Стопанската комора по неговото именување, Бесими начелно ги прифати предлозите на стопанствениците, а за дел од нив рече дека мора да се видат фискалните импликации. Компаниите, како што најави, може да очекуваат признавање на трошоците за тестови за Ковид од даночен аспект, а позитивен е ставот и за барањето за двојното одданочување за здравственото осигурување.

Најави и дека државата ќе биде гарант на фирмите за полесно да можат да земат кредит во комерцијалните банки, а државната гарантна шема треба да започне да профункционира до крајот на годината.

Министерството за финансии со 10 милиони евра ќе гарантира неколкукратно повисоки суми на кредити за малите и за средни претпријатија. Гарантната шема ќе оди преку Развојната банка, додека средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки.

– Веќе е разговарано со Развојната банка. Во Министерството работиме на законски измени за да може ова да се реализира. Во Владата се размислува околу 10 милиони евра да се стават во Банката за развој, а таа потоа ќе ја развие гарантната шема, информира Бесими.