Стопанските комори од регионот бараат ЕУ да дозволи извоз на заштитна медицинска опрема

Коморскиот инвестициски форум во кој членуваат стопанските комори на шесте држави од Западен Балкан испрати апел до Европската унија да ја прошири листата на земји со дозвола за увоз од ЕУ, како и за проширување на иницијативата за „зелени коридори“ кон Западен Балкан.

Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања денеска изјави дека во услови кога пандемијата на корона вирусот предизвикува сериозни последици и за економиите на Западниот Балкан шесте стопански комори на КИФ се во постојана меѓусебна и во комуникација со нивните влади и деловните заедници, со цел да го идентификуваат и анализираат влијанието на пандемијата и да предложат соодветни мерки за помош на компаниите и нивните активности во оваа неизвесна ситуација.

Шесте комори во рамки на КИФ ги идентификувале во моментов најважните прашања за одржување на виталноста на економиите, но и системите во земјите од Западен Балкан во ситуацијата од која што сите се погодени, поради што претседателот на КИФ упатил апел за помош и поддршка до претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лејен, Кристијан Даниелсон генерален директор на Генералниот Директорат за преговори за добрососедство и проширување, Оливер Вархељи, европскиот комесар за добрососедство и проширување, како и Фил Хоган, европскиот комесар за трговија.

Едно од клучните прашања што ги засега земјите од регионот е ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји. Здравствените системи во земјите од Западен Балкан се генерално послаби во однос на ЕУ, најмногу како резултат на недостаток на јавни средства и не толку силни економии. Покрај тоа, во регионот не постојат и доволно овластени производствени капацитети за да се премости јазот помеѓу побарувачката и понудата. Повикувајќи се на одлуката на Европската Комисија за изземање на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Велика Британија од барањата за одобрение за извоз на ЕУ, КИФ ја повика Комисијата да ја прошири одлуката и за земјите од Западен Балкан. Побарано е земјите од регионот да можат исто така да учествуваат во заедничката набавка на медицинска заштитна опрема“, изјави Јовановски.

Овие мерки, според КИФ, се важни не само за помош на здравствените системи во земјите од Западен Балкан, туку и за поддршка на производствените капацитети за продолжување со нивната работа. Моментно, компаниите немаат доволно заштитна опрема за нивните вработени, или пак залихите се многу намалени што во спротивно ќе доведе до стопирање и затворање на нивното производство. Оваа ситуација може да биде погубна и за Европската Унија, бидејќи многу компании од регионот се дел од синџирот на снабдување на ЕУ којшто во овие моменти е многу важно да продолжи активно да функционира.

Од причини што надворешните граници на ЕУ географски го опфаќаат и Западен Балкан побарано е од Европската Комисија итно да се земе предвид и можноста за дозвола за пристап до „зелените коридори“ на компаниите од Западен Балкан.

Протокот на стока – особено на приоритетни продукти како што се прехранбени производи, лекови, медицинска опрема – не смее да се прекине во ова кризно време. Транспортот на стоки од примарно значење треба да има приоритет во однос на другите стоки преку ‘зелените коридори’ каде што протокот на сообраќај мора да тече непрекинато. Увозот на репроматеријали и суровини од ЕУ, потребни за производство на производи од примарно значење, е подеднакво важен за одржување на капацитетите на компаниите од регионот, и истиот треба да биде вклучен во системот на ‘зелени коридори’. Земјите од Западен Балкан потребно е да бидат вклучени во сите ‘зелени коридори’ вклучувајќи го патниот, железничкиот, поморскиот и авио транспорт. Од друга страна, пак, при движењето по овие коридори треба да биде одобрено за сите комерцијални возила, а земјите членки не смеат да прават разлика помеѓу стоките наменети за нивниот пазар и стоките во транзит“, укажува Коморскиот инвестициски совет.

Со оглед на тоа што Европската унија е водечки трговски партнер на земјите од Западен Балкан, посочува КИФ, домашните компании се соочуваат со многу предизвици при испорака на потребните производи до нивните партнери во ЕУ. Тие постојано известуваат за проблемите во навремената испорака на нивните производи, како и неможноста за навремено доставување на потребните материјали и компоненти до нивните матични компании со седиште во ЕУ. Возачите на камиони се соочуваат со дополнителни предизвици при испорака на стоки на Единствениот пазар, заради различни режими за карантин на внатрешните и надворешните граници на ЕУ. Од тие причини, како што изјави Јовановски, КИФ во своето барање искажува подготвеност за целосно прилагодување и почитување на ЕУ правилата, како што се преминување на граничните премини со прикажување на валидна интернационална дозвола за вршење превоз од стана на возачите, доказ дека возачите се тестирани и се негативни на корона вирусот, како и почитување на мерките за одржување на лична хигиена и дезинфекција на транспортните возила.

Пристапот до Западен Балкан преку ‘зелените коридори’ сигурно ќе донесе позитивно влијание и на ЕУ и на Западен Балкан. Од тие причини, Коморскиот инвестициски форум испрати апел до Европската Унија да ја прошири листата на земји со дозвола за увоз од ЕУ, како и проширување на иницијативата за ‘зелени коридори’ кон Западен Балкан, за да се вклучат шесте земји од регионот со цел одржување на виталноста на економиите на ЕУ, но и на регионот“, информира Стопанската комора на Македонија.