Стопанските комори ќе истражуваат како да се добие битката со корона кризата


Со цел утврдување на состојбите во приватниот сектор предизвикани од кризата со корона вирусот и можните мерки за излез од економскиот застој, Стопанските комори изработија анкетен прашалник за претставниците на бизнис секторот.

Целта на прашалникот, како што наведуваат од проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ преку кој ќе се спроведе истражувањето, е да се добијат точни одговори од страна на компаниите, по што ќе се изготви соодветна анализа за последиците од економската криза, положбата во која се наоѓаат економските субјекти, нивната ликвидност, профитабилност, одржливост, состојбата со работната сила и фискалните давачки.

Во соопштението наведуваат дека стопанските комори ќе изработат соодветна студија по сектори и ќе излезат со позициони документи кои директно ќе ги достават до надлежните органи кои ќе ги опфатат ефектите од донесените мерки досега, но и можните долгорочните решенија за нормализирање на економијата и враќање на стапките на раст.

-Истражувањето опфаќа анализа на бизнис секторите кои во најголема мера се засегнати од КОВИД-19 кризата како што се: туризам и угостителство, земјоделство, градежништво, текстилна, кожарска, преработувачка, автомобилска и метална индустрија.Сите наоди ќе бидат доставени и презентирани преку Платформата за јавно-приватен дијалог, каде што стопанските комори редовно ги дискутираат со Владата предизвиците на бизнис заедницата и предложуваат решенија за надминување на истите, истакна Тамара Тодоровска од Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива.

Тодоровска додава дека резултатите добиени директно од самите компании ќе бидат дел од опсежни студии за состојбите во економијата. Со оглед на тоа што неизвесноста уште трае, при изготвување на анализите ќе се земат во предвид краткорочни и долгорочни сценарија за ефектите од кризата.

-Од клучно значење е да се креираат соодветни мерки и соодветно да се реагира на настанатата ситуација, за што ќе биде потребен отворен и конструктивен дијалог со сите засегнати страни. Стопанските комори веќе се во контакт со домашни и меѓународни организации и институции за соодветно димензионирање на потребните мерки кои е неопходно да се преземат и реализираат во кризниот период, истакна Тодоровска.

Истражувањето ќе биде поддржано од Светска банка и други домашни институции.