Стопанската комора бара да не се политизира продажбата на гасоводот


 Стопанската комора на Македонија апелира приватниот сектор да не се става во политички контекст без аргументи. Недозволиво е, смета Комората, да се прави јавен линч на компаниите, кои градејќи јавно приватно партнерство реализираат дополнителни инвестирања, креираат нови работни места и ги спроведуваат меѓународните стандарди и принципи во своето работење.

-Во изминатите денови, во рамки на собраниската расправа поврзана со уредувањето на спорот за компанијата „ГА-МА“, оператор на системот за пренос на природен гас, сведоци бевме на бројни квалификации кои се надвор од стандардите на современите парламентарни демократии. Ваквиот наратив негативно влијае на репутацијата на засегнатата компанија „Макпетрол“ АД Скопје, а влијае и врз берзата и врз слободниот пазар на кој се заснова нашата економија, но и се деградира институтот јавно-приватно партнерство, со што се нанесува ненадоместлива штета на стопанството, но и на државата, особено имајќи предвид дека предмет на дискусија е спогодба постигната пред Европската енергетска заедница, наведува Комората.

Потребно е, потенцира Стопанската комора, да се престане со практиката на јавни прозивки на компаниите во политички контекст и изнесување произволни констатации кои нанесуваат штета на угледот на компаниите.

-Компаниите треба да се оценуваат единствено преку критериумите на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени. Апелираме и на доследно почитување на применливата законска регулатива, а доколку постојат, сите можни сомневања во однос на постоење/непостоење конфликт на интереси и незаконитости, тие да бидат изнесени пред надлежните државни органи за да се спроведат сите потребни дејства во насока на нивно расчистување, подвлекува Комората.