Стопанска комора: Без нови мерки товарот од кризата ќе падне на приватниот сектор


Споредбите со други земји кои имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат: Зоран Јовановски

Стопанската комора на Македонија очекува Владата да донесе и нови мерки за справување со последиците од корона кризата врз стопанството и вели дека дури тогаш ќе може да се оцени нивниот вистински ефект врз економијата.

Ние претпоставуваме дека ова не е последниот сет на мерки и дека ќе следат нови штом државата обезбеди дополнителни финансиски средства по пат на позајмување. Всушност, тогаш и ќе можеме да ја согледаме целината на мерките и неа соодветно да ја оцениме“, се вели во денешната реакција на Стопанската комора на Македонија.

Во видео изјава до медиумите, Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања, вели дека досегашните мерки се примарно насочени кон зачувување на ниско платените работни места.

Ние очекуваме дека ќе бидат донесени и нови мерки. Доколку тоа не се случи, тогаш товарот од кризата во најголем дел ќе падне на приватниот сектор“, рече Јовановски.

Од Комората велат дека за да можат соодветно да го оценат вториот пакет економски мерки што беше објавен вчера од страна на Владата, потребно е најпрво да се видат пропратните уредби и објави во Службен весник во кои ќе бидат содржани сите конкретни детали за мерките.

По донесување на овие уредби и нивното објавување во Службен весник, Стопанската комора на Македонија, ќе направи анкетирање на своите компании членки, исто како што беше случај и со првиот сет мерки, и тогаш ќе може да ги сумира оценките за новите економски мерки“, вели Јовановски.

Во моментов, како што додаде, можат да се дадат само некои принципиелни согледувања за вчера објавениот втор сет мерки.

Притоа, како што оценува, јасно е дека неповолните економски случувања поврзани со коронавирус-кризата негативно се одразуваат на Буџетот на државата. Оттаму, станува јасно дека во моментов Владата располага со ограничени финансиски ресурси и тоа е факт што влијае на дизајнот на мерките.

Имајќи го предвид овој ограничувачки елемент, споредбите со други земји кои имаат поголем финансиски капацитет, тековен или потенцијален, во суштина не помагаат“, вели Јовановски.

Понатаму, како што додадва, во услови на висок степен на неизвесност за тоа што носи иднината во поглед на рестартирањето на економијата и полнењето на Буџетот на државата, перцепција на Стопанската комора е дека Владата се подготвува за креирање на финансиски капацитет што ќе може да ги поддржува економските мерки и во малку подолг временски период.

Тоа значи дека всушност се прави распоред на силите и на финансиските средства“, рече Јоваановски во видео изјавата од Стопанската комора на Македонија.