Стоп за евтин шопинг: Во „Јавна соба“ ќе разменуваме облека и ќе ја поддржуваме одржливата мода


Ја подигаме свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо брзите модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш. Денес, од 16 до 20 часот, тимот на „Модна револуција Македонија“ (Fashion Revolution Macedonia) организира разменување облека и проекции на документарниот филм „True Cost“, кој ни ја доближува реалноста зад убавото лице на модниот свет и производството во модната индустрија. Во македонскиот огранок членуваат дизајнерите Ирина Тошева, Ана и Ема Јакимовска, Виктор Стојкоски, Магдалена Таневска и Ева Зарезанкова.

– Донесете си свое парче облека. Парчиња што се во добра состојба, а со кои не сте повеќе емотивно поврзани. Чисти и подготвени за „нов сопственик“. Целта на размената е да го продолжиме векот на траење на облеката. Со тоа сакаме да ја поткренеме свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо брзите модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш. Продолжувањето на векот на нашата гардероба придонесува за намалување на загадувањето на животната средина, со оглед на тоа што модната индустрија е втор по ред загадувач во светот. Секој мал чекор е придонес за намалување на загадувањето и поддржување на одржливата мода – велат од македонскиот ограник на глобалното движење на „Модна револуција“ (Fashion Revolution).

Совети: Облеката да е чиста и во добра состојба; можете да донесете минимум 1 парче, но во тој случај би можеле да земете само 1 парче; максимум на донесени парчиња е 5; облеката која нема да најде нов сопственик за време на настанот ќе ѝ биде донирана на организацијата „Љубезност“. Влезот на настанот (и проекциите) е слободен. Директно учество во размената на облека не е задолжително.

Како се случи „Модна револуција Македонија“?

– Дел сме од истоименото глобално движење. Веруваме во модна индустрија која подеднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Ја славиме модата, но истовремено сакаме да ја подигнеме свеста за најгорливите проблеми, да покажеме дека промената е можна и да ги охрабриме сите засегнати страни во создавање на поголема одржливост и етичност во модната индустрија – ни изјави Ирина Тошева во интервјуто за „Независен весник“. (Л.С.)