Столтенберг: Вашиот глас ќе биде важен како на секој друг сојузник


„Централата“ на НАТО в недела и в понеделник ќе се пресели во Скопје. Покрај генералниот секретар Јенс Столтенберг, ќе допатува и целиот Северноатлантски совет (НАК) во кој се амбасадорите на сите земји членки на алијансата во Брисел. Во рамки на посетата ќе има заеднички состанок на НАК со Комитетот за интеграција во НАТО, со кој претседава премиерот Зоран Заев.
Посетата на Столтенберг испраќа јасен сигнал – Алијансата е подготвена да ѝ посака добредојде на земјава во евроатлатнското семејство. Ова е пораката, што ја испрати Столтенберг во интервјуто за МИА, кое го даде неспоредно пред доаѓањето во Скопје. Тој вели дека со нетрпение чека повторно да го посети Скопје и порача дека ратификацијата на претпристапниот протокол добро напредува. На состанокот на Северноатлантскиот совет очекува да се говори за интеграцијата на земјава во НАТО, но и за напредокот на реформите, меѓу кои и тие во сферата на правосудството.
„Ратификацијата добро напредува и кога сите сојузници ќе го ратификуваат пристапниот протокол, Северна Македонија ќе стане триесетта членка на Алијансата. Членството во НАТО ќе донесе поголема безбедност и просперитет за сите луѓе во земјата. Ќе учествувате во развојот на политиките на НАТО. Вашиот глас ќе биде исто важен колку секој друг сојузник во носењето на одлуките кои треба да ги сочуваат безбедноста и просперитетот на нашите земји. Безбедноста е основа на просперитетот. Всушност веќе видовме дека странските инвестиции се зголемени за три пати во изминатата година. Вашето членство во НАТО ќе придонесе за безбедноста на Западниот Балкан и на целиот евроатлантски регион. Тоа докажува дека напорната работа, реформите и посветеноста се исплатливи, и дека вратите на НАТО остануваат отворени“, вели Столтенберг, кој нагалси дека не може да каже точно колку време ќе трае процесот на ратификација, потсетувајќи дека за Црна Гора беше потребна околу една година.
Ова е втора посета на НАК. Првата била во 2003 година предводена од тогашниот генерален секретар лорд Робертсон, кога биле дојдени за да нè поддржат во обезбедување на стабилноста и сигурноста, како и за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.
„Сега доаѓаат за да ставиме заеднички политички печат за нашето полноправно членство во НАТО“, вели Дане Талески, националниот координатор за НАТО.
Тој очекува процесот на ратификација на Протоколот за полноправно членство да заврши до крајот на годината, при што последната ратификација ќе биде во нашето Собрание.