Столтенберг утре пристигнува во Скопје

Утре и задутре посебен сообраќаен режим во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг утре пристигнува во Скопје во рамки на неговата мини турнерја низ земјите од регионот.

Според агендата Столтенберг утре попладне прво ќе одржи заедничка прес конференција со премиерот Ковачевски, а потоа ќе се обрати и пред пратениците во македонското Собрание.

Генералниот секретар на Алијансата во Скопје ќе оствари средби и со шефот на државата Стево Пендаровски и со спикерот Џафери.

Веќе во среда Столтенберг ќе биде домаќин на состанокот со лидерите на земјите членки на НАТО од регионот. Освен македонскиот премиер Ковачевски, се очекува да бидат присутни хрватскиот претседател и премиерите на Албанија, на Словенија, и на Црна Гора.

Првите пораки генералниот секретар утрово ги испрати од Сараево каде ја изрази загриженоста на НАТО Алијансата за руското влијаие во земјата што според него сериозно влијае врз безбедноста на целиот регион.

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека на  21 и 22 ноември 2023 (вторник и среда)  поради пристигнувањето на поголем број на странски делегации, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото градско подрачје. За таа цел Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците.