Столтенберг: Украина ќе влезе во НАТО, но прашање е кога


Од посетата на Столтенберг на Скопје во 2019 година (Фото: Б. Грданоски)

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека сите членки на Северноатлантската алијанса се согласни Украина да стане членка, но прашање е кога тоа ќе се случи.

– Прво, сите сојузници се согласни дека Украина ќе стане членка на НАТО. Сите тие се согласуваат дека Украина има право да го избере својот пат и дека за тоа не одлучува Москва, туку Киев. Второ, сите сојузници велат дека вратата на НАТО е отворена, но не можам точно да кажам кога Украина ќе стане членка на Алијансата, изјави Столтенберг за „Вашингтон тајмс“.

Тој додаде дека она што може да го каже е дека НАТО во моментов соработува со Киев и помага во транзицијата од опрема и доктрина од советската ера кон доктрината и стандардите на НАТО.

– Работиме на тоа да ги направиме вооружените сили на Украина интероперативни со силите на НАТО и да им помогнеме да ги реформираат и модернизираат нивните одбранбени и безбедносни институции, истакна Столтенберг.

Тој прецизира дека Алијансата, „суштински“ има две задачи во оваа војна.  – Една задача е да ја поддржиме Украина, што и го правиме. Втората е да се спречи ескалација. Го спречуваме со тоа што јасно ставивме до знаење дека не сме дел од конфликтот, но и со зголемување на военото присуство на источното крило на Алијансата, што го направивме, со 40.000 војници поддржани од значајни поморски и воздушни сили“, појасни Столтенберг. .

Говорејќи за Кина, Столтенберг оцени дека Пекинг не го осудува нападот врз Украина, но го поздрави разговорот меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и кинескиот колега Си Џинпинг.

– Она што се случува во Европа е важно за Азија, а она што се случува во Азија е важно за Европа. Затоа што ако Путин победи во Украина, тоа е трагедија за Украинците. Но, тоа е и опасно за нас. Затоа што ќе испрати порака до Путин, но исто така и за Си, дека кога користат воена сила, го добиваат она што го сакаат. А тоа нè прави поранливи, истакна Столтенберг.

Тој исто така рече дека војната во Украина суштински го променила НАТО.

– Сепак, мора да запомните дека војната не започна во 2022 година. Таа започна во 2014 година и оттогаш НАТО ја воведе најголемата реорганизација на својата колективна одбрана од крајот на Студената војна, појасни Столтенберг за „Вашингтон тајмс“.