Столтенберг од НАТО заминува за гувернер на Норвешката централна банка


Белгија– Покрај тензичната ситуација во Европа, НАТО сега се соочува со задача да најде и наследник на генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој треба да ја напушти функцијата и да застане на чело на Норвешката централна банка, соопшти денеска норвешкото Министерство за финансии, пренесе ДПА.

Столтенберг е генерален секретар на НАТО од 2014 година, а неговиот сегашен мандат истекува во септември. Тој претходно беше норвешки премиер од 2005 до 2013 година.

Кандидатурата на Столтенберг за функцијата гувернер на Централната банка ја следеа контроверзи во Норвешка, делумно поради неговото блиско пријателство со актуелниот норвешки премиер Јонас Гар Стохре, колега социјалдемократ, додава ДПА.

Ида Волден Баче, актуелен заменик гувернер на Централната банка, исто така беше во комбинација за гувернер на банката. Волден Баче во март привремено ќе застане на чело на банката, додека Столтенберг не ја преземе функцијата, веројатно на почетокот на декември.