Столтенберг очекува Протоколот за НАТО да биде ратификуван во почетокот на следната година


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска на прес конференција во Брисел рече дека не очекува процесот на ратификација на членството на Северна Македонија во Алијансата сите сојузници да го завршат до почетокот на декември.
„Но очекувам процес да биде завршен во почетокот на следната година и тогаш Северна Македонија да стане членка. Тие ќе бидат на масата, Северна Македонија ќе го следи состанокот во Лондон. Северна Македонија е многу блиску до полноправно членство и тие веќе учествуваат на состаноците на НАТО, вклучително и на лидерскиот состанок во декември во Лондон“, рече Столтенберг.
Тој денеска во Брисел одржа прес конференција пред министерскиот состанок на 29 земји-членки.
Франција и Шпанија досега го немаат ратификува протоколот за зачленување на земјава во НАТО. Според најавите Париз тоа ќе го стори неделава, а очекувањата се дека владата во Мадрид ќе се формира во почетокот на идната година по што и таа земја ќе го ратификува протоколот. За земјава да стане членка документот треба да биде усвоен и во македонското собрание.