Столтенберг бара да се тргнат ограничувањата на сојузниците за напаѓање воени цели во Русија


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика сојузниците да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје од страна на Украина за да напаѓаат воени цели во Русија

„Мислам дека дојде време сојузниците да размислат дали да укинат некои од ограничувањата што ги воведоа за употребата на оружјето што и го донираа на Украина“, рече Столтенберг во интервју за  „Економист“, потсетувајќи на борбите во регионот Харков. „Лишувањето на Украина од можноста да го користи ова оружје против легитимни воени цели на руска територија во голема мера ја комплицира нејзината одбрана“, нагласи тој.

Генералниот секретар изјави дека Русија води агресивна војна и Украина има право да се брани. „И тоа вклучува удари цели на руска територија“, објасни тој, истакнувајќи дека некои сојузници веќе ги укинаа таквите ограничувања и „време е другите сојузници“ да размислат за тоа.

Столтенберг истакна дека самоодбраната е „вградена во Повелбата на ОН, и ние и помагаме на Украина да го одбрани ова право, што треба да ја вклучи можноста за удари на руска територија“, нагласи генералниот секретар.

Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските сили воспоставиле борбена контрола во харкивскиот регион, каде што руските трупи упаднаа овој месец.

„Нашите војници успеаја да преземат борбена контрола во пограничната област каде што влегоа руските окупатори“, кажа Зеленски по состанокот со воени и регионални функционери во Харкив.

Ова следува откако рускиот пратеник Виктор Водолацки изјави дека руските сили контролираат повеќе од половина од градот Вовчанск, оддалечен пет километри од границата.

„Откако ќе го осигураат Вовчанск, руските сили ќе тргнат на три града во регионот Доњецк, Словјанск, Краматорск и Покровск“, изјави Водолацки.

Руските сили отворија нов фронт овој месец откако извршија прекуграничен напад во североисточниот регион Харкив, освојувајќи 12 населени места. Владимир Путин кажа дека целта на Русија не е да го освои градот Харкив, туку да создаде тампон зона во овој регион.

Зеленски изјави дека украинските сили успеале да ја стабилизираат ситуацијата во овој регион.

„Руското напредување е запрено. Ситуацијата во Вовчанск е тензична, но под контрола на нашите вооружени сили“, соопшти генералштабот на украинската војска.

Оттаму признаваат дека руските сили постигнале делумни успеси во области близу Купјанск и Покровск, каде што се водат тешки борби.