Владата очекува виза од ЕК за Планот за раст и првата транша од 52,5 милиони евра


(Фото: Б.Грданоски)

Во наредните четири години Владата очекува 750,4 милиони евра  од Планот за раст за земјите од Западен Балкан донесен од Европската комисија од кои 52,5 милиони евра како прва транша набрзо по завршување на процедурите за прифаќање на Реформската агенда која ја донесе владата.

Ова, меѓу другото беше посочено денес на прес конференција на која премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани ја презентираа Нацрт реформската агенда за периодот 2024 – 2027 на која беше посочено дека Владата е целосно посветена за реализација на стратешката цел за целосна интеграција во ЕУ.

„Во овој процес не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на ЕУ, туку и како модерна економски стабилна и просперитетна држава која ги исполнува највисоките европски стандарди. Нашата визија за модерна и ‘Македонија повторно твоја’ е заснована на принципите на инклузивност, владеење на правото и економски развој што ќе ни овозможи да бидеме рамноправен партнер во европско семејство“, рече премиерот Мицкоски. 

Тој посочи дека планот инициран од ЕК има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и ЕУ нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство.

(Фото: Б. Грданоски)

Планот се темели на четири основни столбови – зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на економската интеграција преку зголемена соработка со соседите во рамки на заедничкиот регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финасиската помош за реформите со финански пакет од 6 милијарди евра од кои две милијарди се грантови.

„Според формулата, на државава треба да ѝ припаднат 750, 4 милиони евра за периодот 2024 – 2027. Реформската агенда за посочениот период треба да бида усвоена од ЕК со што ќе се отвори можност за потпишување договор за механизмот за реформи и раст и договор за заем“, рече Мицкоски.

По ратификацијата на договорите повторно ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7 проценти од алокацијата на средствата односно околу 52,5 милиони евра.

Тој објасни дека реформската агенда е подготвена во тесна соработка со ЕК и ќе опфати приоритетни области како реформи на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување кои се клучни за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок за државата.

Министерот Муртезани, надоврзувајќи се на делот за преземените обврски во светло на сега веќе усвоената Нацрт-Реформска агенда 2024-2027 (која што ќе остане како нацрт сѐ до финалното усвојување и од страна на ЕК), рече дека средствата ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи.

„Или со други зборови, а со заокружени бројки, 250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, додека 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти“, рече Муртезани.

Зборувајќи за предвидените реформи, министерот Муртезани рече дека конкретно, ќе се работи на зајакнување на јавната внатрешна финансиска контрола, зајакнување на системот за јавни набавки, декарбонизација и обновливи извори на енергија, (соларна и ветерници), усвојување на систем за трговија со емисии на гас, енергетска ефикасност и справување со загадувањето на воздухот.
Тука спаѓа и развојот на образованието и вештини преку реформи на средното стручно образование, како и реформа на државните и јавните претпријатија, особено во поштенскиот и железничкиот сообраќај, вклучително и воведување на интелигентен транспортен систем, зголемување на е-услугите во царинското работење, подобрување на деловната средина преку зајакнување на инспекторатите и зголемување на инспекциските надзори, поддршка за работа на малите и средни претпријатија.

(Фото: Б. Грданоски)

Во делот на Владеење на правото – развој на демократијата преку реформа на изборното законодавство, зајакнување на независноста, квалитетот и интегритетот на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, донесување на нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка согласно стандардите на ЕУ и други приоритети.

„Во функција на имплементирање на реформската агенда, ќе биде направена анализа за евентуална потреба од создавање на дополнителна структура или користење на постојната (со нејзино зајакнување или проширување), а која што ќе има за цел со сите ресурси и капацитети да обезбеди економска стабилност, одржлив раст и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, рече Муртезани.