Стојков: Не е проблем Бугарите да влезат во македонскиот устав доколку и Македонците влезат во бугарскиот


За нас не е проблем Бугарите да влезат во македонскиот устав доколку и Македонците влезат во бугарскиот. Јасно е дека тоа нема да стане, а веројатно компромисот ќе биде едностран, вели во изјава за „Локално“ Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден ПИРИН, вонреден професор по историски предмети на Универзитетот Гоце Делчев – Штип и истакнат борец за правата на Македонците во Бугарија.

Тој го коментираше наводниот нон-пејпер што излезе во медиумите, каде се нуди решение за спорот меѓу двете соседни држави.

-Вториот аспект – да ѝ се гарантира на бугарската држава лагата дека во неа нема македонско малцинство и дека сите нејзини граѓани без исклучок се со бугарско потекло е скандал од највисоко ниво. Бугарија е мултиетничка држава со национални – етнички малцинства со различно потекло, вклучително македонско – да се негира тоа е фашизоидно. Никакви декларации од никоја страна не можат да ја променат реалноста и Македонија не треба да ја поддржува анти-малцинската политика на Софија, додава Стојков.

Според него, монструозно е што поддршката на политиката на негирање и дискриминација на малцинствата на таков начин сака да се претвори во услов за влегување во Европската унија.

-Малцинствата и нивните права не се дестабилизирачки фактор во Бугарија, бугарскиот анти-малцински национализам е проблемот овде. Такви предлози не смеат ниту да се прават, не пак да се дискутираат, а да се примаат би било огромно понижување и за двете земји и за ЕУ, посочува Стојков.

На прашањето дали Скопје може да очекува позитивен одговор од Софија пред декември, професорот појасни дека додека политичката криза не се реши во Софија нема реални шанси да се дигне бугарската блокада пред процесите за евроинтеграција.

-Македонија може единствено да чека. Секакви преговори сега се бесмислени, категоричен е Стојков.

Во нон-пејперот на ТВ Клан, како решение се предлагаат двојни принципи, што ќе им овозможат на двете страни сопствена интерпретација на историските настани.

-На Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зајакнување на сегашниот концепт за нација-држава, препознавајќи го историскиот контекст на бугарско потекло на граѓаните без исклучок. Тоа ќе го намали стравот на Бугарија на долг рок од загрозување на стабилноста и безбедноста преку правата на малцинствата.
Во Република Северна Македонија, од друга страна, постоечкиот контекст на мултиетничко општество ќе се зајакне преку вклучување на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, соодветно како и сите други етнички заедници, Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја, стои во текстот.