Стојкоски на увид на изградбата на првиот Регионален центар за дечиња кои се лекувани од канцер


Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски денеска заедно со директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион, Јане Мицевски и членови на надзорот, денеска извршија увид во градежните работи на првиот Регионален центар за дечиња кои се лекувани од канцер, објект што се гради во село Кучково.

Станува збор за центар кој е дел од Договор за реализација на инвестициски проект со дигитална компонента од Грантова шема на проект ,,Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” – II фаза кој е поддржан од Министерство за локална самоуправа-МЛС и Швајцарска агенција за развој и соработка.

– Проектот „Приказната продолжува’’ се гради со одлична динамика и според досегашните изгледи, очекувам центарот навремено да биде отворен.Овој проект има за цел бесплатно да го подобри квалитетот на животот на децата на школска возраст кои преживеале канцер, преку одржливи инвестиции во инфраструктура и во услови за нега и рехабилитација. Во центарот ќе престојуваат деца со еден родител кој ќе биде дел од рехабилитациониот период, порача Стојкоски. 

Особено е значајно на ваков начин да им се помогне на децата и родителите кои поминале многу тежок период. Како родител, сочувствувам со тие родители и во таа насока, ова е наш придонес кој преку стручна програма ќе им помогне на дечињата побрзо да се вратат на секојдневните нивни обврски, додаде тој. 

Вкупната вредност на проектот изнесува 23.574.074,00 денари, од кои 8.435.000,00 денари се обезбедени од Швајцарска агенција за развој и соработка, 10.380.998,00 денари се обезбедени од страна на МЛС и 4.758.076,00 од страна на Општина Ѓорче Петров.