Стојановски до премиерот: Се плашиш да им кажеш добар ден на криминалците од ДУИ


Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната сесија за пратенички прашања во Собранието побараа од премиерот Димитар Ковачевски од говорницата да побара оставка од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, откако се најде на „црната листа“ на САД, но тој само уште еднаш ги повика институциите да ги проверат наводите на Стејт Департментот.

-Доколку ги погледнете основите по кои е донесена одлуката од Стејт департментот за ставање на црната листа, во текот на извршувањето на функцијата бил во коалиција со сите политички партии, вклучително и со вашата во најдолг период од неговата кариера, тогаш мојата порака би била – доколку не работеле во интерес на граѓаните, за што треба да потврдат институциите,  не само градоначалникот на Струга, туку и сите советници од сите советнички групи кои поддржувале одлуки во текот на сиот изминат период сите заедно треба да си дадат оставка, рече премиерот. Повторувам дека е несфатливо како можело таму истражителите да имаат информации, а овде да нема во задолжените институции. Секој функционер треба да работи согласно закони и интерес на граѓаните, затоа ги повикувам институциите да ги проверат наодите по сите основи , рече Ковачевски во Собранието.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, потоа му порача дека не смее да побара јавно оставка од Мерко, затоа што ДУИ веднаш ќе ја напушти неговата Влада и СДСМ ќе загуби со огромна разлика на предвремени парламентарни избори.

„Се плашите, оти ако побарате оставка криминалците ќе ја напуштат коалицијата и ќе треба да одите на избори. Овој премиер се плаши да им каже добар ден, а не да им побара оставка. Вие изигрувате циркузант во наоѓањето оправдување за нив. Се плашите и немате храброст да побарате оставка од криминалец кој е ставен на црна листа на САД. Но, кога ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт сите тие криминалци ќе биде изведени пред правдата“, кажа Стојаноски.

Претходно Драган Ковачки го праша Ковачевски како е можно внукот на Али Ахмети, Дритон на 24 години да го купи трговскиот центар „Соравија“, дали ќе побара надлежните институции да постапат и дали ќе бара оставка од лидерот на ДУИ Ахмети.Ковачевски му одговари дека сите институции постапуваат соодветно за сите случаи и дека нема право да бара оставка од Ахмети, бидејќи тој како пратеник е избран од граѓаните на непосредни избори.