Стојанов: Опомените за данок на имот се поради салдо од претходни години


Градоначалникот на Неготино Горан Стојанов, во одговор на реакциите на граѓаните за пристигнати опомени за неплатен данок на имот, на својата Фејксбук страница напиша дека опомените за данок на имот се поради салдо од претходни години.

-Известуваме дека тие се однесуваат на салдо од претходни години. Во ревизорскиот извештај издаден од Државен завод за ревизија во 2019 година, Општина Неготино е задолжена да си ги наплати приходите по основ на данок на имот и данок од комунална такса за фирмарини, за сите години наназад што нема наплатено, информира градоначалникот. 

Тој нагласува дека со неприбирањето на сопствените приходи преку присилна наплата – извршување, се врши оштетување на општинскиот буџет. 

– Со оглед на тоа дека претходната структура не ги испочитувала задолженијата од ДЗР, соочени сме со можност за кривична одговорност поради непочитување на начелата наведени од горенаведениот орган. Како надоврзување на ова погоре наведено, има стигнато извадок од седница на Влада на Република Македонија од 03.10.2023 година, каде што се препорачува на буџетските корисници од ЕЛС да превземат навремени мерки и активности, за спроведување на препораките од ревизорските извештаи на ДЗР кои се во насока на оптимизација на расходите  во работењето и зголемена и подобрена наплата на приходите што се во наша надлежност, појаснува Стојанов. 

Тој додава дека согласно измената во Законот за данок на имот, Општина Неготино направила репроценка на данок на имот.

– Се изврши усогласување со е – катастар и поради тоа износот на даночните решенија се зголеми.Општина Неготино редовно на крајот на година ги истакнува на огласна табла, даночните обврзници кои имаат неплатен долг. Локалната самоуправа изврши зајакнување на капацитетите на даночната администрација за редуцирање и решавање на долгогодишните проблеми  што се провлекувале, како од неажурност, така и од несовесното работење на дел од лица кои што веќе не се во работен однос во Општината, појаснува градоначалникот на Неготино.