Стојаноски: Систем од компании земале поврат на ДДВ со фиктивни фактури


Систем од компании подолг период црпеле пари по основ на поврат на ДДВ со фиктивни фактури и го оштетиле Буџетот за милиони. Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат, тврдеше денес Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. 

-Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот.Со жалење констатираме дека системот на  контролен механизам во институциите е нефункционален, а тоа   го потврдуваат случаите   минатата година  процесуирани од обвинителство за фиктивно фактурирање и злоупотреба на службена положба.

Криминалните мрежи преку фиктивна документација како и фиктивни фактури и фиктивна евиденција, го исцрпуваат даночниот  потенцијал од Буџетот, а сведоци сме дека   државните институции кои се задолжени да го контролираат истото изминатите години немаат преземено никакви мерки.

Симптоматично е и тоа што до сега не се преземени дејствија со кои ваквите случаи ќе бидат спречени и условите за вакви криминални дејства ќе се доведат на минимум, а не сега кога веќе  се испумпани милиони по основ на поврат на данок од Буџетот со контролите да се покаже слика дека институциите делуваат на сузбивање на криминалните мрежи.

Прашање  е  уште колку   милиони од платени   даноци  од граѓаните се   исцрпени од криминални структури и зошто не се создадени системи кои ова ќе го спречат? За познавачите на даночната политика е сосема јасно дека ваков систем неможел да функционира со или без УЈП. Челници од Управата или знаеле и молчеле за целиот случај или целосно го девастирале системот и немаат уви, порача Стојановски.

Видливо е притоа дека Стојановски не наведе ни сектор од кој се пумпале парите како ДДВ ниту пак имиња на компании, а дека изјавата доаѓа два дена кога од УЈП веќе објавија дека ќе откријат мрежа за злоупотреба поврзана со даночно затајување и фиктивен поврат на ДДВ кај енергетски компании и бензиски пумпи. Изјавата на Стојановски очигледно е наменета да ја превенира објавата на аферата од страна на УЈП за да се критикува и тврди дека власта ја криела. Ваква каква што е изјавата сугерира дека Стојановски ниту знае кои се компаниите ниту колку пари испумпале од буџетот.