Стојанче Ангелов останува лидер на Достоинство

Актуелниот лидер на Достоинство, Стојанче Ангелов и во следните четири години ќе ја предводи партијата, откако на 4. Конгрес на Достоинство што се одржа денеска едногласно е реизбран на оваа фунакција. Тој беше единствен кандидат за претседател.
Ангелов по изборот пред присутните делегати го образложи планот и програмата на Достоинство за следниот четиригодишен период, во кои меѓу останатото главниот фокус ќе биде ставен на промена на изборниот модел, односно усвојување на концептот за една изборна единица, потоа развој на демократските процеси, владеење на правото и правна држава, борба против корупцијата и организираниот криминал и влез на Македонија во Европската Унија. Тој најави и поддршка за влез на Бугарите во македонскиот Устав.
„Иако односот на Бугарија кон Македонија и Македонците е исклучително нечесен и провокативен, во име на повисоката цел, интеграција во ЕУ и надминување на условениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, Ангелов изрази поддршка за влез на Бугарите во македонскиот Устав“, стои во соопштението од Достоинство.
За односот на државата кон бранителите Ангелов изрази генерално незадоволство од сите досегашни власти. Тој на Конгресот информирал и за иницијативата која вчера била доставена до Владата за праведно обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители како и триесетина воени инвалиди кои сè уште не се обесштетени.
Во завршните зборови Ангелов напомена дека Достоинство на следните парламентарни избори ќе учествува во коалиција единствено доколку партијата добие добитно пратеничко место и влез во републичкото Собрание.