Стоилковски: Власта ја злоупотребува полицијата во изборни цели


Власта ја злоупотребува полицијата во изборни цели. Од една страна се вршат незаконски притисоци врз набљудувачи, а од друга страна се замижува и не се реагира пред јавно агитирање или организирано носење на избирачи на гласачките места, обвини на денешната прес-конфернеција портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

– Во Чешиново Облешево без никаква причина приведени се двајца набљудувачи на ВМРО-ДПМНЕ и тоа еден претседател на Општинскиот комитет како и еден поранешен кандидат за пратеник од оваа партија. Ова е класичен политички притисок и застрашување кое што ќе биде пријавено и до меѓународните набљудувачи, изјави Стоилковски.

Нагласи дека од повеќе избирачки места низ земјава стигнуваат информации за недозволено агитирање, делење поткуп и организирано носење на гласачи.

– Вакви сомнителни појави засега се забележани во Шуто Оризари, во Прилеп, во Градско и во Ново Село. Загрижувачки е тоа што дел од овие дејствија се случуваат пред очите на службени лица кои воопшто не постапуваат, оставајќи впечаток дека се дел од организирано сценарио, изјави Стоилковски.

Повика МВР да преземе соодветни дејства, нагласувајќи дека фер и демократски избори се вредност без која што нема европска иднина.

-Овие и за сите други обиди на власта за притисок и репресија спротивни на демократските процеси на изборен ден се евидентираат и за тоа ќе бидат известени сите меѓународни институции. Ниедна манипулација, репресија, закана и уцена нема да го спречи народот кој што тргна против оваа власт и нејзиниот марионетски кандидат. Потребата од правда и рушење на неправдите е тоа што го води народот на овие избори и се знае кој е победник и следен претседател на Република Македонија, изјави Стоилковски.