Стоилковски: Владата да не бега од референдум ако постигнала успех


Стоилковски: Владата да не бега од референдум, ако навистина постигнала историски успех нема зошто да се крие, порача денес портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски. 

„Доколку владата на ДУИ/СДСМ сметаат дека постигнале нешто големо, нека излезат на референдум пред народот. Нема потреба од забави во 15 градови, доволно е да се прифати собирање потписи за иницијатива за референдум.Само народот е суверен во секоја држава, дури и во Македонија. Тој мора да може да каже дали е ова историски успех или историски чин на предавство, асимилација и бугаризација на Македонија.

Владата мора да го провери овој чекор пред народот, ДУИ/СДСМ мора да проверат дали се во право тие, или оние интелектуалци и општествени дејци коишто, за жал власта ги нарекува „хистерични“. Владата прифати документ којшто не носи европска иднина, туку асимилација, само со една цел фотографирање во Брисел и нова лага за купување ден повеќе на власт.Јасно е, прифатеното од ДУИ/СДСМ носи само до два порази- или бесконечни преговори, или асимилација по бугарски терк.За Македонија мора да важат исклучиво Копенхашките критериуми, Македонија не смее да биде експеримент, туку за неа, по 17 години чекање мора да важат истите правила коишто важеле за сите други земји- членки на Унијата, тврди Стоилковски. 

Според него постои опција како да се спречи предавството, постои опција како да се спречи Бугарија да диктира учебници, да организира прослави на свои верзии на биографии за македонските херои,  да ги бугаризира македонските споменици и митови за борбата за државност. Постои опција како да се избегне дополнително национално понижување, и држава во позиција на потчинетост. Тоа според него е референдумот. 

Со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ не реши ниту еден спор досега со соседите и дури спротивно, ги искомплицира, ваквите изјави од најголемата опозициска партија зачинети со драматизирање на идните случувања се прочитана работа.