Стоилковски тврди: Криминалци избркале полицајци од полициска станица во Арачиново


Криминалци бркаат полицајци. Упаѓаат вооружени во полицијата во Арачиново и полицајците бегаат, биле избркани од полициско одделение. Спасовски и МВР се обидуваат да забошотат и премолчат случајот, тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според него станува збор за вооружени лица блиски до власта, вкои легле со закани во полициското одделение во Арачиново, а четворица полицајци добиле наредба од претпоставен да се повлечат од полициски пункт, односно од Арачиново да се повлечат во Гази Баба, само затоа што  направиле контрола и  сопреле возило без валидни документи.

Бандитизмот и дрскоста заради неказнивоста, според Стоилковски,  одат до таму што човекот којшто според медиумот ја предводел вооружената група во полициското одделение во Арачиново, директно упатува закани до редакцијата којашто ја објави веста.

Тој ги повика професионалците во МВР да преземат мерки во насока на заштита на јавниот ред и мир, во насока на заштита на медиумите, но и за ставање крај на политичките злоупотреби на полицијата, вистински да застанат во функција на обезбедување на јавен ред и мир и справување со енормно нараснатиот криминал и да го расчистат случајот, а  министерот Оливер Спасовски да замине од функцијата.