Стоилковски обвини дека над 5 милиони евра се извлечени незаконски од буџетот


Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денес посочи на „можен тежок финансиски криминал“ во кој, според него, се вклучени Управата за јавни приходи, Царинската управа и Министерството за финансии. Се работи за добро разработена шема на извлекување на пари по однос на поврат на данок на додадена вредност кои што се бројат во милионски суми.

-Дали фирмите „Арена метал“, „Џокс премиум“, „Нетком плус“, „Винас текстил“ и „Сакаов транс“ имаат вкупен поврат на ДДВ за само 5 месеци во 2020 година од фантастични 320 милиони денари или 5 милиони и 215 илјади евра?

Дали во овие фирми вкупниот поврат на ДДВ ги надминува сите уплати во трезорот по сите основи?

Дали во овие фирми повратот на ДДВ за 4 месеци е поголем од најголемите странски инвестиции во Македонија иако овие фирми не се извозни односно имаат нула извоз во 2020-тата година?

Дали на пример вкупниот промет на фирмата „Сакаов транс“ за 2019-тата година е околу 850 илјади евра, а повратот на ДДВ за само 4 месеци е поголем од тоа и дали постои фирма во Македонија способна да има толкави залихи.

Дали кај овие фирми УЈП врши контроли и колку се тие контроли веродостојни?

Дали царинската управа може да докаже дека роба во вредност од над 25 милиони евра за само 4 месеци е увезена во Македонија од страна на овие фирми и дали за истата е платена царина?

И финално дали за сите овие фирми се поврзуваат со контроверзниот струмички бизнисмен Ристо Крмзов во чија сопственост е и фамозната „Вила Парк“, омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет?

Имено се работи за пет струмички фирми сите сопственички поврзани. А, според нашите сознанија ова е добро разработен систем на извлекување на пари од буџетот на Македонија и е тешко кривично дело, обвини Стоилковски.