Стоилковски: Милионски тендер, a повторно единствен понудувач фирма блиска на СДСМ
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски објави дека според информациите од Јавни набавки се добива впечаток дека во Македонија има само една градежна фирма којашто се интересира за расчистување на одрони по патиштата.
„Вчера објавивме дека за одронот на автопатот Миладиновци – Штип, работата ја добива единствен понудувач, компанија блиска на СДСМ, битолски „Стентон“. Ова е документ за уште една јавна набавка, неполни два месеци по јавната набавка за автопатот Миладиновци – Штип, „Санација на одрон на делница Хамзали – Берово“, и повторно има само еден понудувач, и повторно тој еден понудувач ја зема работата и повторно тоа е битолски „Стентон“.Очигледно е дека единствен критериум за избор на тендер на општини, јавни претпријатија и компании предводени од СДСМ/ДУИ највозможно е да има само единствен понудувач. Станува збор за зафат вреден над еден милион евра“, посочи Стоилковски.
Според него, чудно е во време на економска криза, градежни компании да не се пријавуваат на два тендери во неполни два месеци во вкупна вредност од над 1,8 милиони евра.
Од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ не престанува со конструкциите и дека во очај измислува скандали и афери онаму каде ги нема.
„Откако им пропаднаа сите обиди да ја закочат државата, да ги поделат граѓаните и да ја дестабилизираат земјта, во ВМРО-ДПМНЕ се вратија на она што единствено го знаат и умеат а тоа е создавање конструкции и измислување непостоечки афери. Такви се и последните тврдења за одредени јавни набавки од страна на Јавното претпријатие за Државни патишта.
Јавното претпријатие работи согласно законите, додека проектите финансирани со грантови или со заеми од меѓународните финансиски инститиции се изведуваат согласно нивните правила и процедури.Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку дезинформации да конструира непостоечки скандали, тоа нема да го прикрие фактот што оваа партија е дејствува на штета на граѓаните, ниту пак тоа што нивните градоначалници за девет месеци мандат освен партизација на општините ништо друго немаат реализирано“, соопштја од СДСМ.