Стоилковиќ открил нова злоупотреба, нашол службен БМВ како „искубана кокошка“
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Сотилковиќ открил нови злоупотреби со имотот на Министерството. Тој посочи дека возило џип БМВ вредно 60 илјади евра било пронајдено во многу лоша состојба во сервис за поправка каде од него биле вадени делови и истите биле користени за потребите на сервисот.
-Најновата злоупотреба што е откриена пред некој ден е возилото џипот БМВ во сопственост на Министерството што е најдено во поприлично лоша состојба во еден од сервисите во кое се вршело порано поправката на возилото на Министерството. Веќе е ангажирано Министерството за внатрешни работи. Не сакаме да го подигнеме. Бараме записници, нема записници како е предадено, а сведоците велат дека е предадено во нормална состојба. Тој џип е вреден 50-60 илјади евра. Не можам да утврдам за што бил користен, меѓутоа можам да пренесам дека сега личи на „искубана кокошка“. Јавноста кога ќе ги види сликите ќе процени како може еден сериозно скап автомобил од Министерството да биде оставен на милост и немилост на сервис каде се извадени вратите, извадени се делови од него, рече Стоилковиќ.
Вели дека е згрозен од начинот на кој се трошени не само средствата, но и како се управувало со ресурсите на Министерството.
-Возилото е оставено во сервис и не е подигнато. А сервисот си постапувал согласно потребите кои му биле на дневен ред. Ваделе делови од него за нивните претпоставувам приватни потреби. Тоа истрагата ќе го утврди, рече министерот на настан во Министерството по повод Св. „Сава“.
Стоилковиќ потенцира дека претходното раководство од касата на Министерството подигнало 37 илјади евра кои, како што рече, никогаш не биле вратени и се без никакво образложение.
-Триесет и седум илјади евра државни пари од касата на Министерството се подигнати и никогаш не се вратени без никакво образложение. Поднесена е до Финансиската полиција соодветна пријава. Очекуваме да си ја сработат. Очекуваме ад-хок ревизијата што ја спроведе Министерство за финансии да ги даде резултатите. Таму има најави за сериозни нарушувања на некакви правила и процедури во однос на трошењето на државните пари. За тоа се подготвуваме да дадеме информација на затворена седница на Владата и согласно одлуките и заклучоците кои ќе произлезат од затворената седница ќе ги доставиме тие наоди на ад-хок Државната ревизија до надлежните институции. За сето она за што имам дадено изјава во македонската јавност, е проследено до државни органи, рече Стоилковиќ.