Стоилковиќ го наседна Мицкоски, треба да му покаже „врата“ по скандалот со Додик
Ова е најголем политички и дипломатски гаф по неистакнувањето на знамето на Македонија за време на средбата на Сиљановска со Радев
Бегајќи од бугарската патронизирачка политика кон Македонија, премиерот Христијан Мицкоски падна во српска замка. Веста за скандалoзното обраќање на лидерот на Република Српска, Милорад Додик, стигна и до Канада, од каде невладина организација побара извинување од нашата влада поради можноста што му ја даде тука среде Скопје да ја негира унитарноста на БиХ и геноцидот во Сребреница.
Практично, испадна дека премиерот Мицкоски наседнал дозволувајќи му на вицепремиерот Иван Стоилковиќ да обезбеди централна прослава на празникот на Србите – тука во Македонија и да покани на неа човек од црната листа на САД, кој како врв на сето среде земја членка на НАТО пораќа – „Да живее Русија“.
Фактот дека Мицкоски не се огради веднаш на прославата од пораките на Додик туку ден потоа, создава сомнеж колку беше искрена неговата изјава дека не знаел дека лидерот на Република Српска на ваков начин ќе го злоупотреби собирот во Скопје. И да е така, ова е втор најголем дипломатски и политички гаф откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ, по оној со знамето на претседателката Гордана Сиљановска која исто така беше „наместена“ во Бугарија.
Реално, некој треба да поднесе одговорност за ваквата лоша слика што се емитуваше во светот од Македонија, односно вицепремиерот Стоилковиќ како најодговорен да си поднесе оставка или да биде замолен за тоа. Ако не, ќе се засили впечатокот дека премиерот Мицкоски седи на два стола како и Александар Вучиќ, односно сака и да бидеме лојална земја членка на НАТО и партнер на ЕУ, а од друга страна и свртени кон руските филијали во земјата и надвор, откако единствените што доаѓаат кај нас се тие што во континуитет ѝ прават сопки на ЕУ. Пократко кажано, по сѐ она што го изјави среде Скопје Додик, Македонија освана како земја во кругот на Виктор Орбан, Роберт Фицо и други од сферата на влијание на Москва, а и фотографијата од настанот изгледаше таква.
Една спонтана реакција на јавноста најдобро го наслика тоа – како би изгледало ако ваква прослава одржат Бугарите во Македонија? Поентата е дека Македонија не може да биде терен каде што ќе се промовираат туѓи или антиевропски и анти-НАТО политики, односно нејзината добра волја за почитување на малцинствата не може да се злоупотребува од матичните држави. На ист начин патем јавноста реагираше и кога албанските и косовските лидери си правеа митинзи во нашата земја и кога Албин Курти најави создавање своја партија во Македонија.
За настанот денес реагираше и Либерално демократската партија барајќи Додик да се прогласи непожелен во Македонија.
„Со настапот на Свечената академија посветена на празникот Свети Сава, со која се одбележува денот на српската заедница во Македонија како рамноправна со другите заедници наведени во Уставот на државата и на оние помали заедници кои живеат, во Македонија, претседателот на српскиот ентитет на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, ги навреди сите граѓани на Македонија со своето дрско непочитување на ставовите и позициите на домаќинот.
Македонската држава ја признава независноста и сувереноста на државата Босна и Херцеговина, за тоа нема сомнеж кај ниту еден граѓанин и граѓанка на Македонија. Секој политички дискурс кој го доведува во прашање интегритетот на Босна и Херцеговина е неприфатлив. Собранието на Македонија има консензуално усвоено Резолуција со која се признава геноцидот во Сребреница и тоа е национална позиција на македонската држава. Впрочем, тоа е и позиција на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Како либерали, поддржуваме слобода на говор и секој може да каже сопствено мислење, но кога е некој поканет да говори на настан во кој е вклучена македонската држава мора да ги почитува законите и позициите на нашата држава. Оној кој го злоупотребува гостопримството треба да се соочи со откажување на истото тоа гостопримство. Оној кој е на црната листа на нашите стратешки сојузници како САД, Велика Британија и Европската унија, најмалку треба да биде гостин во Владата или Собранието на Македонија. Напротив.
Не можеме од една страна да ги поддржуваме нашите сојузници од САД, Британија и ЕУ кога поради нашата нефункционалност ставаат наши сограѓани на црни листи, а од друга страна да не ги почитуваме кога истото тоа го прават со поединци од други земји, особено во нашиот регион. Оттаму, ЛДП бара од Владата да им се придружи на санкциите на САД и на Британија и да му забрани влез во Македонија на Милорад Додик и други спорни лица од регионот“, побараа од ЛДП.
Реакциите на јавноста беа уште посилни. Некои го повикаа премиерот да види дека „во Влада му се шета руски шпион“, бидејќи меѓу поканетите бил и главниот руски човек во Црна Гора, па и рускиот амбасадор во земјава.
„Да живее Македонија, да живее Србија, да живее Република Српска и да живее братска Русија“, изјави на настанот Милорад Додик. Својот скандалозен говор во скопскиот театар тој го заврши фалејќи го рускиот претседател Владимир Путин, негирајќи го геноцидот во Сребреница и навредувајќи ја Европа.
„Што остана од Европа? Какви вредности? Какви вредности? Каде се тие? – рече Додик додека Мицкоски не реагираше.
„Апсолутно не се согласувам и навистина не очекував дека тој настан ќе го злоупотреби со испраќање вакви пораки, бидејќи на крајот на краиштата, тоа беше свечена академија, а не место каде што се испраќаат вакви политички пораки“, рече тој ден по настанот.
„Додик ја посети Северна Македонија за да ѝ ‘помогне’ во процесот на европска интеграција, исто како што и ‘помогна’ на Босна и Херцеговина“, велат од Босанската демократска лига. Од ДУИ потенцираа дека власта ги преминува црвените линии, пречекува личност која шири омраза и поделби, дури и во зградата што го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија.
„Овој чин е сериозен удар за Охридскиот договор. Присуството на Додик таму е шлаканица за жртвите од Сребреница, за Албанците и за секој граѓанин кој верува во слобода и еднаквост“, нагласуваат од ДУИ.
Бошњачката демократска лига го нарече состанокот „огромен удар“ за угледот на земјата, поставувајќи прашање дали владата ги цени европските принципи и човековите права. Тие го критикуваа Додик за промовирање говор на омраза и величење на воените злосторства.
Инаку, Институтот за истражување на геноцид од Канада (ИГК) реагираше на, како што велат, дипломатскиот скандал во Македонија, откако лидерот на босанските Срби, Милорад Додик ја посети земјава под знамето на ентитетот, а не на државата Босна и Херцеговина. ИГК смета дека Македонија треба да им се извини на граѓаните на БиХ. Сметаат дека ова е „отворено непочитување на федерацијата“.
Контроверзната средба се одржа за време на „Светосавската академија“ во Скопје, каде на Додик му се придружија српските претставници, вклучително и министрите за одбрана и за култура, како и претседателот на парламентот на Црна Гора и рускиот амбасадор. Организатор на настанот беше српска невладина организација, а домаќин на гостите беше вицепремиерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ. Присутни беа поглаварите на црквите.