Стогодишниот „стар пријател“ Кисинџер се сретна со Ши Џинпинг
Поранешниот американски државен секретар е високо респектиран во Пекинг од сите генерации политичари
Кинескиот лидер Ши Џинпинг го поздрави Хенри Кисинџер како „стар пријател“ за време на состанокот со 100-годишниот поранешен државен секретар на САД, кој оваа недела е во Пекинг во ненадејна посета.
Ши се сретна со Кисинџер во државната резиденција за гости Дијаојутаи, дипломатски комплекс во западен Пекинг каде Кисинџер беше примен за време на неговата прва посета на Кина во 1971 година, објави државната телевизија ЦЦТВ.
Оттогаш Кисинџер ја посети Кина повеќе од 100 пати, истакна Ши на средбата.
Во јули 1971 година, Кисинџер стана првиот висок американски функционер што ја посети комунистичка Кина. Неговите тајни состаноци со кинеските лидери го отворија патот за патувањето на тогашниот американски претседател Ричард Никсон „кршејќи го мразот“ следната година.
Во децениите што следеа, односите меѓу САД и Кина процветаа заедно со нивната економска меѓузависност. Но, во последниве години, односот меѓу двете најголеми економии во светот значително се влоши.
За Ши, присуството на Кисинџер беше потсетник на помалку тешки времиња.
„Никогаш не ги забораваме нашите стари пријатели и никогаш нема да го заборавиме вашиот историски придонес во развојот на кинеско-американските односи и зајакнувањето на пријателството меѓу двата народа“, му рече Ши на Кисинџер.
„Кина и Соединетите Држави повторно се на раскрсницата каде да одат, и двете страни треба повторно да направат избор“, рече тој, повикувајќи ги Кисинџер и истомислениците Американци „да продолжат да играат конструктивна улога во враќањето на кинеско-американските односи на вистинскиот пат“.
Кисинџер одговори дека е „голема чест“ да се посети Кина и му се заблагодари на Ши што избрал да се сретне со него во истата зграда каде што се сретна со кинеските лидери за прв пат.
„Односите меѓу САД и Кина се од витално значење за мирот и просперитетот на двете земји и на светот“, рече Кисинџер, ветувајќи дека ќе вложи напори за зајакнување на меѓусебното разбирање меѓу двете страни.
Состанокот доаѓа откако Кисинџер се сретна со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји и министерот за одбрана Ли Шангфу, кој е под санкции на САД од 2018 година поради тоа што Кина купува руско оружје.
Фактот дека Кисинџер добил аудиенција кај Ши е показател за тоа колку него високо го цени раководството на Кина.
Неговото ненајавено патување се преклопи со високата посета на Џон Кери на Пекинг, во која САД и Кина ги продолжија разговорите за климата кои беа замрзнати речиси една година.
Забележително, на Кери, кој исто така е поранешен државен секретар на САД, не му беше овозможена средба со Ши, и покрај тоа што е член на актуелната администрација на претседателот Џо Бајден.
Посетата на Кисинџер, кој рече дека е во Пекинг „како пријател на Кина“, по серијата патувања на претставници на американскиот кабинет во последниве недели, вклучително и американскиот државен секретар Антони Блинкен и министерката за финансии Џенет Јелен.
Блинкен беше единствениот американски функционер кој обезбеди средба со Ши.
Американските власти нагласија дека Кисинџер дејствува во својство на приватен граѓанин, а не како гласник на администрацијата на Бајден.
Состанокот на Ши со Кисинџер е уште еден знак дека за Кина, неофицијалните односи меѓу луѓето стануваат поважни од официјалните во нејзините интеракции со САД, рече Суишен Жао, директор на Центарот за кинеско-американска соработка на Универзитетот во Денвер.
Жао го опиша трендот како „враќање во годините пред Никсон“, пред двете земји да воспостават дипломатски врски.
Минатиот месец, Ши се состана со американскиот претприемач и филантроп Бил Гејтс на неговата прва позната средба еден на еден со западна деловна фигура по години.
Ши го нарече Гејтс „стар пријател“ и истакна дека тој е „првиот американски пријател што го видов оваа година“. (Си-Ен-Ен)