Стоечки овации за Заев на конгресот на СИРИЗА


Како ниеден македонски политичар при јавен настап во странство вечерва поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, беше пречекан со овации на конгресот на грчката левичарска партија СИРИЗА, кој започна вечерва во Атина. 

Него од говорницата го најави лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, а кога видно возбудениот и трогнат Заев стана да ги поздрави делегатите цела сала беше на нозе да го поздрави со силни аплаузи. Ципрас и Заев се творците на Преспанскиот договор, со кој заврши една мачна етапа во односите меѓу Македонија и Грција.

Во првиот ред до Заев седеа поранешниот грчки министер за надворешни работи, Никос Козијас, и поранешниот македонски министер за здравство, Венко Филипче.