Стоечки аплаузи за „Бесачи“: Како смртта се претвора во шоу
Дали насилство може да биде решение за насилството? Дали смртната казна за криминалците, убијците и силувачите ќе ги намали таквите појави во светот? Одговори на овие прашања се обидува да даде и најновата претставата „Бесачи“ поставена во Македонскиот народен театар. Текстот е на британско-ирскиот автор Мартин Мекдона, а претставата е во режија на бугарскиот режисер Јавор Грдев. Наменета е за публика повозрасна од 18 години.
Дејствието изобилува со комични ситуации, најчесто црна комедија, политичка сатира, но и сурова реалност.
„Ако се загледаме во пиесата на Мекдона, ќе видиме дека тој уловил една вечна желба на публиката – да се претвори смртта во шоу или во панаѓур“, вели Грдев во режисерската експликација. Грдев направил и низа на истражувања во реалноста околу дебатите за смртната казна. Па така, во промотивниот каталог за претставата ќе најдете извадоци од весници кои се однесуваат на смртните казни во Јапонија, САД, па дури и за последната смртна казна извршена во Македонија.
Бесачот Хари (Никола Ристановски), кој е и газда на паб во Северна Англија, е омилен меѓу пијаниците кои секојдневно дремат на шанкот и му се „гребат“ за гратис пиво. Тој, дополнително станува популарен откако ќе даде интервју коментирајќи ја одлуката да се укине смртната казна и практично останува без главната професија. Трудејќи се да не се „излае“ пред новинарот (Славиша Кајевски) за оваа многу сензитивна тема, тој кажува многу повеќе отколку што требало. Тој е горд бесач на криминалци, силувачи и убијци, но едно од тие погубувања останува да го прогонува и понатаму. Иако е премногу горделив, во себе се прашува дали правично е погубен Хенеси (Александар Михајловски), кој без докази е обвинет за силување и убиство на девојка.
Актерката Камка Тоциновски по подолго време е повторно на сцената на МНТ и брилира во улогата на Алис, сопруга на Хари. Таа е горделива газдарица на пабот во кој се пијанат локалните безделничари Бил (Владо Јовановски), Чарли (Гораст Цветковски), Артур (Александар Микиќ) и инспекторот Фрај (Ѓорѓи Јолевски). Четворицата даваат одлична слика и прилика за тоа како поминува еден ден во локален паб. За нив врв во продуктивноста на денот им се шегите и мудростите искажани од бесачот Хари. Дарја Ризова како Ширли која е ќерка на Хари и Алис, уверливо ја доловува несмасноста или недоделканоста на карактерот. Во креирањето на нејзиниот лик, успешно се вклопува надуваниот костим и вештачките заби. Сид (Благој Веселинов) кој му е асистент на Хари, но и Муни (Кире Ѓоревски) се клучни во замрсување на приказната и кулминација на дејствието.
За впечатокот да биде поголем, голема улога игра и самата сценографија изработена од Никола Тороманов. Многу движења, многу практични решенија кои секоја сцена ја прават посебна, а на моменти и филмска. Костимите на Свила Величкова добро се вклопуваат со времето во кое се одвива дејствието во шеесеттите години, но со универзалност која е безвремена, па одговара и на денешницата.
Актерот Јордан Симонов, може временски најкратко се појавува во претставата, но неговиот лик Пиерпоинт е всушност базата на целата приказна. Тој е единствениот автентичен лик, кој историски е познат како бесач кој обесил најмногу луѓе. Бројките варираат од 230 до 600 лица. Алберт Пиерпоинт е горделив бесач, кој исто како и Хари е сопственик на паб. Разликата меѓу нив двајца е тоа што Пиерпоинт е многу порезервиран во деталите од професијата за разлика од фалбаџијата Хари.
Како асистент на Грдев, работеше актерката и режисерка Зведана Ангеловска, а драматургијата е на Дејан Дуковски. Извршен продуцент е Синома Угриновска, а композитор на музиката Калин Николов.
Претставата трае 180 минути со пауза и е нешто сосема поинакво од она што досега МНТ го има на репертоарот. Судејќи според неколкуминутните овации по завршувањето на премиерната изведба, оваа претстава ќе има долг век. И.Н.