Сто и шеснаесет години од загинувањето на Гоце Делчев


Делегации на Владата и Собранието и претставници од здруженија на граѓани, општини и институции денеска од 10 часот ќе положат цвеќе на гробот на револуционерот и борец за слобода Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, со што ќе бидат одбележени 116 години од неговото загинување.

Владината делегација ќе ја предводи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а во неа се и министерката за странски инвестиции Зорица Апостолоска и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

Во составот на парламентарната делегација, која ќе ја предводи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, ќе бидат пратениците Снежана Калевска, Јулијана Николова, Илија Николовски, Бранко Манојловски и Весна Дамчевска-Илиевска.

Во рамки на манифестацијата „Гоцеви денови“, Камерниот оркестар на Филхармонијата вечер од 19 часот ќе одржи концерт „Гоце 116“ на кој ќе настапат и музичари од Филхармонијата на Благоевград, Бугарија. Оркестарот ќе го води бугарскиот диригент Христо Христов и ќе изведе дела од Перголези, Сибелиус, Бах, Бетовен, Де Фаља, Маскањи, Вагнер, како и неколку композиции од Христо Христов посветени на Гоце Делчев.

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Виизионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.