Македонија денес му се поклонува на Гоце Делчев


Во земјава денеска се одбележуваат 117 години од смртта на револуционерот и борец за слобода Гоце Делчев во чувствително време во односите со Бугарија, Која тврди дека трибунот и херојот којшто се бореше за македонската независност бил Бугарин.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во пораката на Фејсбук ја нагласи врската на независноста на Македонија и како што го нарекува, македонскиот апостол, Гоце Делчев.

„Гоце Делчев е обединувачки симбол на македонската независност.

Додека беше жив, Гоце Делчев беше срцето на македонската револуционерна организација која се бореше за полна политичка автономија на Македонија и на Македонците.

По неговата трагична смрт, Гоце Делчев стана срцевината на политичката идеја за македонската независност и неприкосновен идол на генерации Македонци кои се бореа за остварување на таа идеја. Борците од Првиот прилепски партизански одред ‘Гоце Делчев’ кои го кренаа востанието за народно ослободување носеа значки од Гоце Делчев на реверите и капите, а борците од бригадата ‘Гоце Делчев’ учествуваа во ослободувањето на Штип и Тетово.

И чествувањето на Гоце Делчев треба да обединува исто како што обединуваше Гоце Делчев како водач на македонското револуционерно дело.

Ние денес, се поклонуваме пред моштите на Гоце Делчев во црквата ‘Св. Спас’, каде што беа свечено пренесени од Софија, откако неговите другари оставија аманет до следните поколенија ‘светите мошти да бидат погребани во главниот град на независна Македонија’.

Аманетот беше исполнет и ние денес, во современа Северна Македонија и пошироко, со чествувањето на делата на Гоце Делчев, ја чествуваме и идејата за широки права на населението“.

Делчев на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Виизионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМОРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМОРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.