Сто и дваесет милиони денари од Буџетот за туристичките агенции


Фото: Б. Грданоски

На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната 18-та седница, ја разгледа и ја усвои Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за развој на туризмот за 2020 година, со што транспарентно и ефикасно ќе се вратат средствата директно на сите кои во 2019 година имаат уплатено туристичка такса, соопшти владината Прес-служба.

Министерството за економија за реализација на оваа активност објавува јавен повик и подготвува онлајн апликација каде што сите субјекти ќе поднесуваат електронска апликација со приложување на документација. Комисија формирана од министерот за економија ќе изврши евалуација на апликациите и ќе изготви Записник и Решение за исплата на средства за тие кои исполнуваат услови согласно Јавниот повик.

– За реализација на оваа активност во Буџетот се обезбедени средства во износ од 120.000.000,00 денари. За реализација на оваа активност е предвидено износот на грантот да се определи согласно вкупниот приход на правното лице во претходната година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа. Максималниот износ на Грантот за туристичките агенции кои имаат лиценца Б ќе изнесува 180.000,00 денари додека максималниот износ за туристичките агенции со лиценца А изнесува 430.000,00 денари, информираат од Владата.

Од таму воедно појаснуват дека оваа активност ќе се реализира во периодот ноември и декември 2020 година.

Со ова мерка исто така е предвидено доделување на грантови за туристички водичи како самостојни вршители на дејност во Република Северна Македонија.

– Право на аплицирање ќе имаат туристички водичи кои поседуваат важечка Лиценца и не се во редовен работен однос. Со мерката е предвидено износот на грантот да изнесува 65.000,00 денари по апликант. Оваа активност ќе се реализира во периодот ноември и декември 2020 година и за истата во Буџетот се обезбедени средства во износ од 9.800.000,00 денари, се наведува во соопштението од седницата на Владата.