Стивнуваат жариштата во Тетово и Гостивар, нови 17 починати од ковид


Последните неколку дена покажуваат дека двете најсилни жаришта на епидемијата на Ковид-19 во изминативе два месеци – во Тетово и Гостивар – полека стивнуваат. Податоците на Министерството за здравство за изминативе 24 час покажуваат дека во Тетово има само четворица новозаболени, а во Гостивар ниту еден. Но затоа Скопје и натаму е на врвот на инфекциите – новите бројки се 169 новозаболени во главниот град од вкупно 336 случаи. Направени се 3.425 тестирања, што значи дека процентот на позитивни е 9,8 отсто.

Починале 17 лица, од кои по петмина во Скопје и Куманово. Во Тетово и Гостивар нема починати лица. Сите починати биле хоспитализирани.

Во последната статистика Велес и Струмица имаат по 21 новозаболен, Куманово – 17, Охрид и Кавадарци – по 15, Битола – 14, Штип – 13, Кочани – 11, Свети Николе – 10, Прилеп – 6, Тетово – 4, Кичево, Гевгелија и Крива Паланка – по 3, Виница, Кратово и Македонски Брод – по 2, Струга, Радовиш, Дебар, Берово и Демир Хисар – по 1.

Оздравеле 228 лица, а вкупната бројка на ковид позитивни изнесува 12.337. Најмногу активни случаи има во Скопје – 5.735, потоа во Куманово – 979 и Тетово – 948. Најмалку активни случаи има во Дојран – само еден.