Стивнаа песните од тераса во Италија – луѓето се плашат од глад


Рекорден број умрени во Италија од корона вирус, вкупно 9.950 луѓе подлегнаа на болеста, а починати се и 51 лекар.
За пет седмици од почетокот на епидемијата во Италија регистрирани се 86.498 заразени, со што ја надмина Кина.
Стручњаците кои го следат ширењето на епидемијата од корона вирус во Италија тврдат дека постојат цврсти докази дека бројот на заразени е десетпати поголем од она што официјално се соопштува на дневните прес-конференции и дека достигнува цифра од околу 600 илјади. Никој не крие податоци, туку Цивилната заштита располага и соопштува бројки само врз основа на оние кои се тестирани на вирусот.
Месец и пол по почетокот на епидемијата и рестриктивни мерки, генерално расположението на граѓаните во Италија се менува. Медиумите предупредуваат дека граѓаните престанале да пеат на терасите и веќе никој во 18 часот  не излегува со песна за да го растера стравот.
Медиумите објавуваат анкети со луѓе во супермаркети, а пораката е дека стравот се претворил во лутина.
Во супермаркетите има доволно храна, но многумина кои веќе порано се бореа да состават крај со крај, немаат пари да платат.
Граѓаните јавуваат дека некои дистрибутери ги зголемиле цените.
– Гладни сме – се почесто се слуша од луѓето кои останаа без работа и без пари. Некој од нив плаче, некој шепоти, а оние бесните се обидуваат да земат храна од маркетите, а да не ја платат.
– Не сум виновен што сум заклучен дома, што останав без работа. Ако Италијанците повеќе немаат пари за да се прехранат себеси и своите деца, ќе ги нападнат супермаркетите за да добијат храна. Ќе направат револуција. – порачува еден лут граѓанин.
Супермаркет во Палермо на два пати беше на удар на дваесетина семејства кои ги наполнија кошниците и се обидоа да избегаат без да платат.
Интервенираше полицијата.
– Прашајте ги зошто сега повеќе не пеат на терасите – порачува еден новинар кој известуваше за инцидентот.
Протестите за сега не се масовни, но јасно е дека државата наскоро ќе мора да поведе сметка и за ова. Мерките кои до сега се донесени за ублажување на економската криза доцнат.
Владата подготвува нов декрет и според информациите карантинот треба да продолжи две недели по завршување на првиот на 3 април.
Епидемијата забави, но со релаксирање на состојбата, може да дојде до повторно ескалирање, предупредуваат здравствените власти.
Стручњаците предупредуваат дека можеби нема да се потребни недели туку месеци за Италија да се врати во нормала.