Стив Вознијак го тужи Јутјуб заради измама со биткоин


Соосновачот на „Епл“ (Apple), Стив Вознијак, заедно со неколку други колеги, поднел колективна тужба против Јутјуб и неговиот сопственик Гугл. Причината е измамничка шема што се организира од страна на разни канали на Јутјуб (YouTube), во која користејќи имиња на славни личности се нудат „наградни игри“ поврзани со биткоини.

Ако се уплати произволна сума на оваа криптовалута на одредена адреса, измамниците тврделе дека ќе вратат сметката двојно – што, се разбира, никогаш не се случува.

Вакви изманички шеми има и на Твитер, откако профилите на славни личности на оваа социјална мрежа беа хакирани минатата недела, па оние што успеаја да пристапат до нив веднаш почнаа да објавуваат такви „понуди“.

Во тужбата се тврди дека, и покрај честите барања за отстранување на ваквите објави од платформата, Јутјуб не сторил ништо за тоа, туку одбивал да ја отстрани спорната содржина или пак таквото отстранување го одложувал. Бидејќи на Возниак и на другите со ова им бил нарушен угледот, а корисниците досега биле измамени со милиони долари, од Јутјуб со тужбата се бара веднаш да почнат со отстранување на измамничката содржина – на која, патем, заработува пари од реклами.

Тужителите бараат да се покрене судска постапка во калифорнискиот суд, а на Јутјуб да му се суди за запоставување на нивните права. Тие исто така бараат обесштетување, покривање на судските трошоци и компанијата да се откаже од заработката што ја остварила од овие содржини. Видео сервисот на Гугл соопшти дека тие навремено ги отстрануваат сите содржини што ги кршат нивните правила и дека многу сериозно ги сфаќаат ваквите случаи.