Стипендии во рамки на Словачката билатерална програма за соработка за академската 2022/2023 година


Амбасадата на Словачката Република во Скопје известува за повик за апликации за стипендии во рамки на Словачката билатерална програма за соработка (Slovak Bilateral Scholarship Programme), за академската 2022/2023 година.

– Македонската и словачката страна ќе разменуваат студенти во рамки на акредитирани студиски програми од прв, втор и од трет циклус на високо образование, во вкупно времетраење од триесет месеци годишно. Вкупната квота може да биде поделена на покуси периоди во времетраење од три до десет месеци по кандидат. Стипендијата не може да се додели за комплетен курс на студии што доведува до степен на високо образование. Познавањето на јазикот на земјата домаќин или друг јазик, прифатлив за избраната институција, ќе биде услов за оваа размена, се наведува во објавата на МОН.

Словачката страна ќе обезбеди бесплатно студирање, стипендија согласно законските прописи  во земјата домаќин и  сместување во студентски домови под исти услови како за своите граѓани. Патните трошоци за повратен билет (со автобус) до и од местото на студирање ќе ги покрие Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.

Апликациите пратени од индивидуални апликанти директно до Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Република Словачка нема да бидат земени предвид. Доколку не е наведено поинаку, престојот ќе се реализира не порано од 15 септември 2022 година и не подоцна од 30 август 2023 година.

Апликацијата и потребните документи во два примерока треба да бидат доставени најдоцна до 20 март 2022 до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, кое е е одговорно за процесот на селекција на номинираните кандидати.

Информации и услови за стипендиите се објавени на веб-страницата: https://www.minedu.sk/scholarships-offered-within-the-framework-of-bilateral-programs-of-cooperation-for-20222023/

Во повикот објавен на веб-страницата на МОН е прикачена апликацијата и се достапни повеќе информации за постапката за пријавување, износите на стипендиите, препораки за апликантите и контакти за одговори на прашања во врска со доделувањето на стипендиите во рамки на Словачката билатерална програма за соработка.