Стинг на Градски стадион со продукцијата од „Егзит“: Најамбициозен проект без гратиси                                             


Светската ѕвезда Стинг (67) во Скопје ќе го има единствениот стадионски концерт од турнејата низ регионот „My songs“. Истоимениот, нов албум, излегува задутре, изјави организаторот „Авалон продукција“ на денешната прес-конференција пред концертот на 2 јуни, на Градскиот стадион.

-За нас, концертите од светски калибар ни се празници. Концертот на Стинг е досега наш најамбициозен проект, ако не ги броиме настапите на Карлос Сантана и на Џејмс Браун, само на јужната трибина од Градскиот стадион. Комплетната продукција  од фестивалот „Егзит“ го работи концертот, тие ќе дојдат во Скопје, два дена пред музичкиот настан, со нив ги работевме и концертите на „Ајрон мејден“ и на Ејми Вајнхаус, на Калемегдан, во Белград, изјави Бобан Милошевски од „Авалон“.

Стинг по втор пат го стави Скопје на мапата на својата турнеја низ регионот „My songs“. „Englishman in New York“, „Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Every breath you take“, „Roxanne“, „Message in a bottle“ се само некои од легендарните песни кои што ќе можат да се слушнат вечерта во Скопје, во изведба на една од најголемите рок ѕвезди на светот на сите времиња.

Влезниците во арената „Филип Втори“, ќе бидат во строго ограничен број, информираат од Авалон. Во договор со Cherrytree Management и Live Nation, организаторот, воопшто нема да ги пушта западна трибина (затоа што е далеку од бината) и источна трибина (затоа што бината ќе биде поставена на таа страна) во продажба, додека јужна и северна трибина ќе бидат адаптирани според продукцијата од техничкиот рајдер на менаџментот на Стинг.

-Затоа на 2 јуни не очекувајте 100 илјадна публика, туку 20-30 илјадна публика, потенцираше денес Милошевски кој нагласи дека нема да бидат делени гратиси за овој ексклузивен концерт.

Цената на билетите се движи од 1.500 денари за партер, пред бината за 3000 денари, сребрени седишта по 2000 денари, златни-по 3000 денари и ВИП за 5000 денари.

 

Влатко Стефановски: Има многу ѕвезди, ама малку музичари

 

Гитарскиот крал  Влатко Стефановски, ќе биде специјален гостин концертот на светската ѕвезда Стинг. На Градскиот стадион ќе настапи пред него со едночасовен концерт, со нова формација. Влатко Стефановски трио, верзија 3, го сочинуваат и Јан Стефановски- тапани и Иван Кукиќ, на бас-гитара.

-Со Стинг не сум се запознал, сум соработувал со негови соработници, се надевам дека во Скопје ќе се запознаеме и ќе му ги изразам моите комплименти. Во музичката индустрија има многу ѕвезди, а малку музичари. Стинг е во таа категорија. Нас не поврзуваат и пишувањето на песни по кои сме препознавани од публиката. Бев фан на „Полис“ додека бев во Лондон, во 1985 година бев и на нивен концерт во Минхен. Тој е моја инспирација, изјави на денешната прес-конференција Стефановски.

Влатко најави дека внимателно го избира репертоарот за концертот во Скопје кој ќе вклучи и стари, и нови песни.

-Се надевам да извлечам нерешен резултат, како фудбалскиот натпревар во Скопје меѓу Македонија и Англија, се шегуваше гитарскиот виртуоз.

-Влатко Стефановски беше единствената наша опција како специјален гостин на Стинг. Се радуваме што прифати, а и менаџментот на Стинг даде дозвола, изјавија денес од „Авалон продукција“. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски