Стилот на отворањето на „Охридско лето“: Гламурот е релативна работа


Од стилизирани апостолки до салонки со вртоглаво високи потпетици, главно без хулахопки, од ултра мини здолништа до долги тоалети, од длабоки до конзервативни деколтеа со бисери облекоа гостинките завчера во Античкиот театар на отворањето на годинешното, 59.”Охридско лето”. Машките гости беа покомотни за концертот на британската виолинистка со светска слава Ванеса Меј, ретко кој облече смокинг или вратоврска, освен ако не беше претставник на државниот врв или на дипломатскиот кор.

Светскиот настап на Меј, чудо од дете и меѓу најбогатите Британки, ја собра македонската елита. Од претставници на државниот врв и на дипломатскиот кор, до политичари, бизнисмени, пејачи, доктори, академици, писатели, уметници… Некои дојдоа специјално за отварањето, некои за викенд, некои да уживаат во убавата музика и поглед, а некои до доцна во ноќта да дебатираат на вечера или на пијачка во охридските ин ресторани.

Гламурот е релативна работа во Охрид. До Античкиот театар доаѓате и се симнувате пешки по  незгодната охридска калдрма, освен ако не ве пуштат со кола,  како и да седите на неудобните квазиседишта, не изгледате достоинствено, се симнувате и се качувате по високи, камени скали и  ве придржува партнерот или пријателката да не паднете. Иако е лето, вечерите знаат да бидат студени па најчесто не знаете што да облечете.

Бонтонот, вкусот, прчењето или практичноста го формираат стилот на “Охридско лето”. Зависи за што доаѓате: да уживате во музиката или да ве видат!

Л. Сабит