Стил во фокусот: Амбасадорката Кејт Брнз  во женствено издание


 

Американската амбасадорка во Македонија , Кејт Мари Брнз, синоќа, на свеченоста во Американската амбасада по повод 246-годишнината од независноста на САД, ја видовме во најженствено издание досега. Во убав летен фустан, во боите на американското знаме, со перфектна фризура и шминка, и прекрасна насмевка која не и се симнуваше од лицето,  ги пречекуваше гостите –  претставници на државниот врв, политичките партии, граѓанскиот сектор и медиумите . Со изгледот, полн со симболика, и парираше и нејзиниот сопруг, Лари Скот Гејџ, пензиониран полковник на Морнарицата на САД, кој избра необична вратоврска, исто така, во боите на американското знаме.

Брнз, ветеран во американската дипломатија,  со својот избор на гардероба , ѝ досега  ја почитуваше функцијата амбасадор, но и јавноста. Внимава на линијата, со ненаметлива фризура и шминка, со парчиња облека и децентен накит кои се евидентно брендирани, ама ускладени со дрес-кодот на јавна личност од сферата на политиката. Навикнати сме да ја гледаме во костуми, на гала настани, на работното место до армиските полигони. Ги комбинира најчесто со  здолниште. Децентна е и едноставна. Модно освестена, ги сака боите, ама не ја поминува линијата на добриот вкус. Сепак, функцијата амбасадор не дозволува модни излети кои имаат вулгарен призвук ниту остварување на личните желби. Помалку е повеќе!

Не е сѐ во гардеробата, ама стилот е многу важен во политичките и во дипломатските кругови. Нешто на што „паѓаат на испит“ речиси сите наши политичарки, со изборот на екстравагантна гардероба и екстремно високи потпетици кои се косат со модните правила во оваа сфера. Или премногу шминка, или запуштен изглед, или црни хулахопки наместо во боја на кожа. Златна средина е вистинскиот одговор за дамите од високата политика, а тука спаѓа и Брнз.