Стигна помошта од Чешка од милион маски


Воен авион на Чешката Република со помош од милион медицински маски за справување со Ковид-19 пристигна попладнево на скопскиот аеродром.

Донацијата ја прими вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во улога на национален координатор на странска помош во земјава од страна на чешкиот амбасадор Мирослав Томан.

Османи се заблагодари на помошка од чешката Влада и чешкиот народ во износ од милион заштитни маски кои, како што рече, ќе бидат наменети за поддршка на здравствениот систем.

„Преку амбасадорот Томан сакам да ја пренесам пораката на искрена и длабока благодарност до чешката влада. Оваа поддршка ќе биде запаметена и граѓаните ќе бидат благодарни. Ова не е прашање само на борба против КОВИД-19, ова е покажување на дело на солидарноста меѓу две пријателски земји помеѓу Чешка и Северна Македонија“, рече Османи, додавајќи дека Чешката Република е еден од најголемите донатори во одредени сектори во државата.

Чешкиот амбасадорот во земјава, Томан, рече дека неговата земја продолжува со билатералната поддршка за Северна Македонија и во таа насока денеска пристигнаа еден милион медицински маски.

„Сметам дека тоа е еден огромен износ, но свесни сме дека нашите пријатели имаат потреба од оваа помош. Се надеваме дека оваа донација ќе помогне особено на оние кои се во првите редови кои се борат со коронавирусот – лекарите, медицинскиот персонал, полицијата… Сите ние ним треба да им се заблагодариме за тоа што го прават. Ако не сме заедно, нема да ја добиеме оваа битка. Се надевам дека оваа помош ќе донесе мало олеснување, но е голем доказ за пријателството меѓу двете земји“, истакна амбасадорот Томан. (МИА)