Стевоски вети реконструкција на магистралниот пат од Охрид до Свети Наум


Стевче Стевоски, кандидатот за градоначалник на Охрид поддржан од партијата Демократи, денеска најави дека доколку ја добие поддршката на граѓаните, целосно ќе го реконструира магистралниот пат од Охрид до Свети Наум, притоа прозивајќи ги двете најголеми партии за лажните ветувања токму по прашањето.

Стевоски рече дека патот е една од децениските лаги на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ кој, како што рече, „е денеска е неосветлен, полн со дупки, а во урбаните делови низ кои минува нема ниту пешачки ниту велосипедски патеки.

– Лагите кои со години ги кажуваа за негова реконструкција останаа дел од големиот творечки потенцијал на лажни вести кои ги пласираа портпаролите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со години наназад. Јас Стевче Стевоски, јавно ви ветувам дека овој пат ќе го осветлам од Охрид до светилиштето Свети Наум, ќе направам тротоари и велосипедски патеки и населбите покрај брегот подобро ќе ги поврзам со Охрид, за да се поатрактивни за туристите од кои живее најголем број од населението во овие села и населби, изјави тој.