Стево Пендаровски учествува на виртуелното заседание на Генералното собрание на ОН

Претседателот Стево Пендаровски ќе учествува на 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации, што започнува денеска – 15 септември 2020 година. Поради пандемијата на Ковид-19 оваа година сесијата се одвива виртуелно, без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
В петок, 18 септември 2020 година претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, преку видео-порака ќе се обрати на состанокот на високо ниво „SDG Moment 2020“, на кој е предвидено да биде разгледан напредокот на реализацијата на Целите за одржлив развој на Обединетите нации на глобално и на регионално ниво, во контекст на  пандемијата на Ковид-19. Предвидено е на состанокот да се вклучат 20 шефови на држави и влади. Претседателот Пендаровски заедно со претседателот на Словенија, Борут Пахор, е еден од двајцата шефови на држави и официјален претставник на Источноевропската група кој ќе земе учество на овој висок состанок.

В понеделник, 21 септември 2020 година, претседателот Пендаровски ќе се обрати на посебен настан на високо ниво, по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите Нации, што ќе се одржи на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите Нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.

Претседателот Пендаровски во среда, 23 септември 2020 година преку видео-порака ќе се обрати на Генералната дебата во рамките на  Генералното собрание. Видео-пораката ќе биде емитувана во салата на Генералното собрание, кадешто ќе бидат присутни претставници на секоја од земјите-членки. Темата на 75. сесија на Генералното Собрание на ОН е „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот – соочување со Ковид-19 преку ефективна мултилатерална акција“.

Во четврток, 1 октомври 2020 година, претседателот Пендаровски ќе се обрати на состанокот на високо ниво по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените, што ќе се одржи на тема „Забрзување на реализацијата на родовата еднаквост и еманципирањето на сите жени и девојки“.