Стево Пендаровски не оди на воената парада во Москва


Македонскиот претседател Стево Пендаровски нема да биде утре на воената парада во Москва, со која Русија ќе ја одбележи 75-годишнината од победата над фашизмот. Од кабинетот на претседателот само кусо ни одговорија дека Пендаровски нема да биде на Црвениот плоштад. Лани, кога беше најавено одржувањето на парадата Пендаровски изјави дека ја прифатил поканата на Путин да присуствува на тој настан.

Парадата требаше да се одржи на 9 мај, но претседателот Владимир Путин ја одложи поради пандемијата на корона вирусот. Пандемијата во Русија не е е смирена (денес има 7.425 нови инфицирани и 153 починати, а вкупниот број на заразени изнесува 599.705), но Путин одличи дека парадата не треба да се одлага, затоа што доаѓа и гласањето на референдумот на кој треба да бидат потврдени измените на уставот со кои тој ќе може да остане на власт до 2036 година.

Голем број на оние што се очекуваше да дојдат во Москва нема да бидат таму, а руската агенција Тасс вчера објави дека конечниот список на присутните ќе биде објавен доцна вечерва. Таму сигурно ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, кој со Путин треба да разговара околу Косово пред посетата на Белата куќа и средбата со Доналд Трамп в сабота.

Последни проби пред утрешната парада за победата над фашизмот

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера објави дека нема да оди во Москва, а објаснувањето на неговиот кабинет беше дека „се расипал“ авионот со којшто требало да лета. Во последен момент присуството на парадата го откажа и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со оправдување за „комплицираната политичка ситуација во земјата“, нема да отиде ни „сојузникот“ на Путин, чешкиот претседател Милош Земан, а во Москва нема да биде ни азербејџанскиот шеф на државата Илхан Алиев (место него ќе оди министерот за одбрана). Индија, исто така го испраќа својот министер за одбрана, како и неговиот колега од Туркемнистан. Од Киргистан ќе дојде претседателот Соронбаи Џинбеков.

Генерално, на Црвениот плоштад ќе има многу малку државници од светот, а речиси никој од Европа и западниот свет. (Н.В)