Стевче Јакимовски: Наместо сите да тагуваме, ВМРО-ДПМНЕ промовираше политички простотилак
Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, го осуди ВМРО-ДПМНЕ дека се се впуштило во неморална политичка пресметка по двете грозоморни убиства кои ја потресоа до темел нацијата.
„Ова е најодвратниот дел од политиката. Наместо сите да тагуваме, ВМРО-ДПМНЕ гледа политички да се пресметува. Вчера излегоа со прес-конференција, направиле републички штаб за избори, претседател ќе бирале на конвенција. Кога целата држава е во тага, тие се пресметуваат со политички противници“ рече Јакимовски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека целото општество, па дури и соседните држави не се чувствуваат пријатно, а дел од опозициските партии се обидуваат политички да профитираат.
„Ова е време кога сите треба да тагуваме и сочувствуваме со жртвите. Ова е израз на политички простотилак, ништо повеќе од тоа. За жал, тој политички простотилак се обидува да ја води државата“ рече Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ ги пофали и професионалците во МВР кои брзо го решија случајот, па дури и го уапсија Палевски, кој избега од државата. „Од Смилковско Езеро имавме избегани во Косово, па никогаш не ги фатија. Еве сега луѓето го лоцираа, најдоа, фатија, во соработка со други служби“ рече Јакимовски.
Наспроти неговите поранешни тврдења околу членството во НАТО тој сега гледа придобивки од алијансата. „Морам да бидам искрен, ова е придобивка од членството во НАТО. Безбедносните служби се вмрежени до крајна линија. Иако сум бил противник, бидејќи ни се менуваше името, коректно е да се каже дека ова е придобивка до членството во НАТО“ рече тој.
Јакимовски додаде дека брзото и ефикасното лоцирање и наоѓање на Палески е придобивка од брзата и голема размена на информациите помеѓу службите, како резултат на НАТО сојузништвото.