Стевановиќ: Пациентите предоцна се јавуваат на лекар


За прецизно дискутирање околу смртните случаи, навистина треба да се направат прецизни анализи што е заведено, пријавено, вели директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ, прашана за високата смртност на пациентите со К-Ковид-19 кај нас.

– Ние (Инфективна клиника) имаме 90 пациенти кои се со смртен исход. Најголем дел од пациентите се донесени по десетина или 15 дена самолекување дома, без консултација со лекар. Добар дел по една недела, без консултација со лекар. Наша констатација е дека предолго се чекало пред да дојдат кај нас или да се јават кај лекар – вели д-р Стевановиќ.

Сепак, таа нагласува дека треба да се направи анализа, да се споредат бројки со регионот или со светот, за да се даде конечен одговор.

– Се разбира, возраста на пациентите, другите заболувања го носат ризикот со себе, како и компликациите од Ковид-19. Сепак, голема е грижата наша за пациенти кои се на средна возраст, кои не пријавуваат други болести, а сепак најнепосакуваниот исход го имаме кај нив – вели д-р Стевановиќ.

Ние четири месеци се трудиме да воведеме пристапи за да се намали смртниот исход кај пациентите, додава таа.

На Инфективна клиника досега никој не преживеал откако бил ставен на респиратор.

– За жал, никој што кај нас беше поставен на респиратор, не се извлече, иако имаше подобрување на дишењето кај некои пациенти, но подоцна се комплицираа други здравствени проблеми, па пациентите завршуваа со смртен исход – вели Стевановиќ.