Стерилизацијата на кучињата во застој


Фото: Б. Грданоски

Глутници кучиња, голем број без обетка на увото, големи, мали, агресивни и мирни е сликата по скопските улици во последните месеци.Негрижата за уличните кучиња влева и страв кај граѓаните, но дава и лоша слика за градот. Не дека некогаш проблемот не постоел или бил под контрола (редовни се вестите во полицискиот билтен за граѓани гризнати од куче), но последните месеци и оние трпеливи граѓани кои очекуваа некако да се реши проблемот, веќе бурно реагираат на социјалните мрежи или во разговор со други.

Како да ја подзаборавивме фотографијата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, со директорката на новоформираното јавно претпријатие „Лајка“, кое требаше да се грижи за бездомните кучиња низ Скопје, и секако, малото куче, подготвено да биде вдомено. Шилегов го погали, си поигра со него, а каде е сега, никој не знае.Затоа, пак, знаеме дека улиците ни станаа небезбедни, а глутници големи кучиња речиси редовно има и околу училишните дворови.

Претпријатието формирано пред неколку месеци никако да профункционира. За неговите потреби требаше да се реновира стационарот „Вардариште“, што исто така, се одолговлечи до недоглед, па во месеците што следуваа проблемот ескалира.

– Градот Скопје работи на системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, каде што во соработка со останатите државни институции работиме на сите области кои се поврзани со оваа комплексна материја – е сувопарниот одговор што го добивме од Градот на темата.

Појаснија дека изминатиов период стационарот „Вардариште“ прешол под надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“, кое под своја надлежност во целост ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани.

– Во однос на стационарот „Вардариште“, изминатиов период започна неговата целосна реконструкција, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи. Од овие причини стерилизацијата на кучињата е во мал застој – признаваат од Град Скопје.

Дообјаснија дека во моментов се врши замена на боксовите и елементите кои ќе бидат комплетно заменети со нови посовремени стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма. Со неговата реконструкција и проширување, покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња – велат од Градот, но со оглед на тоа дека некои здруженија за заштита на животните избројале најмалку 6.000 бездомни кучиња, јасно е дека и тоа нема да биде доволно.

За справување со проблемот со кучињата во Скопје се укажува на тоа дека во тоа треба да бидат вклучени сите општини, па некако сите да си ја поделат работата, за да не падне сè на грб на Градот, но за вакво решение не се преземаат никакви чекори. Во меѓувреме се воведе и задолжително микрочипирање на домашните миленици што, пак, е единствен начин некако да се пребројат кучињата, но тоа пак не ја дава бројката на бездомни животни, ако се знае дека заловувањето е „во застој“. Од друга страна, граѓаните се исплашени и нервозни од состојбата, па неретко се прибегнува кон труење на животните, што е опасно и за луѓето, затоа што отров се расфрла на отворено, а луѓето поминуваат од таму или, пак, децата си играат на истите места.

– Градот Скопје најостро ја осудува постапката на одредени неодговорни поединци или групи, за фрлање на отров и отровни материи, со цел труење бездомни животни. Оваа постапка е крајно неодговорна и претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и животните, а воедно претставува и кривично дело – велат од Градот Скопје и апелираат да се пријави во полиција.(Б.Б.)