Стејт департментот откри за што ќе се дискутира на средбата Помпео-Путин


Државниот секретар Мајк Помпео на средбата со рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров што е закажана за следната недела во Сочи, планира да дискутира за повеќе надворешнополитички теми поврзани со затегнатите односи меѓу Вашингтон и Москва.

Како што изјави денеска официјално лице од Стејт департментот, темите кои ќе бидат допрени на средбата се ситуацијата во Украина, кризата во Венецуела и Сирија како и Иран и Северна Кореја.

Исто така ќе се дискутира и за контрола на вооружувањето.

Државниот секретар ќе разговара и за предизвиците во билатералните односи со Русија.

– Имаме многу недоразбирања како руското непочитување на Договорот за ракетите со мал и среден дострел (ИНФ), поддршката на Кремљ во обидите за мешање во американските и изборите во други земји, изјави претставник на Стејт департментот.

Според него, сепак, интересот на Вашингтон е подобрување на односите со Русија.

– Претседателот е јасен во однос на тоа, изјавија од Стејт департментот.

Од Стејт департментот посочија дека се уште е неизвесно одржувањето на самит на претседателите на Русија и САД и дека засега нема информации дали Путин и Доналд Трамп ќе остварат средба на собирот на Г-20 во Осака, Јапонија.